Турските власти ги затворија школите и универзитетите и забранија летови до многу земји. Единствено спортските настани се одржуваат, без гледачи.
Турција е една од ретките земји во која и натаму се игра фудбал. Барем до денешен ден, раководните луѓе од турската Супер лига не донесоа одлука за прекин. Во меѓувреме се појави и неофицијална информација дека турската фудбалска федерација размислувала да ѝ предложи на УЕФА Европското 2020 да се игра во оваа земја.
А борбата за титула во нивната лига како да е поголема од борбата против коронавирусот.
Трабзонспор и Истанбул Башакшехир се лидери со по 53 бода, 3 помалку има Галатасарај, а 4 заостанува Сиваспор. Минатиот викенд Трабзонспор и Башакшехир играа дерби 1:1, головите ги дадоа Демба Ба и Шкртел (автогол).
Во меѓувреме поранешниот фудбалер на Челси Џон Оби Микел (11 години играше за „сините“), кој беше на клупата за резерви на тој меч, објави дека си заминува поради опасноста од вирусот и дека го раскинал договорот.
МИКЕЛ БАРАЛ ПРЕКИН НА СЕЗОНАТА, ГО ПОДДРЖАЛЕ ДРОГБА И ФАЛКАО
Нигериецот на еден ден пред мечот Трабзонспор - Башакшехир напишал на Инстаграм дека не сака да игра фудбал во услови на коронавирус.
„Во животот има нешто повредно од фудбал. Не се чувствувам комфорно и не сакам да играм фудбал во таква ситуација. Во ова критично време секој е должен да биде дома со семејството и блиските. Сезоната треба да прекине, светот преживува немирни времиња“.
Од клубот Трабзонспор не реагирале, а Микел го подджале поранешните соиграчи од Челси.
„Мудри зборови“, напишал легендарниот Дрогба кој играше и за Галатасарај. „Во прави си Џон. Животот е поважен од фудбалот“, додал Фалкао кој денес е член на Галата.
Во вторникот, пар дена по објавата на Микел, Трабзонспор во кратко соопштение ојбави дека договорот со Нигериецот е раскинат со обострана согласност. Стои и дека фудбалерот се откажал од сите бонуси и плати во иднина. Микел нема да добие компензација за раскин на договорот.
Тој дојде во Трабзон во 2019 година и потпиша договор до 2021. Сезонава одигра 19 меча во турската лига без голови и асистенции.
КОШАРКАРИТЕ НА ГАЛАТАСАРАЈ ИСТО СО ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА, НИКОЈ НЕ СФАЌА ЗОШТО СЕЗОНАТА НЕ Е ПРЕКИНАТА
Еден ден пред објавата на Џон Оби Микел, тревога кренаа и кошаркарите на Галатасарај. Тие на социјалните мрежи објавија заедничко соопштение.
„Ние, играчите на Галатасарај би сакале да испратиме сочувство до сите оние кои ги загубија најблиските во последниве денови, недели на овој опасен вирус. Исто така сакаме да испратиме искрени желби за поскоро оздравување на сите кои се болни или имаат некој близок кој е заразен од вирусот
Го цениме тоа што владата на Турција преземе мерки за спречување на ширењето на вирусот, но во исто време е бизарно што ние мора да продолжиме да играме макар тоа било и со затворени врати за гледачи.
Видовме како нерешителноста испровоцира голем број случаи во соседните земји и сметаме дека сега е време да се донесе права одлука“.
Најдобриот кошаркар во Европа во моментов, Шејн Ларкин од Анадолу Ефес повика сезоната да се прекине кога во Турција имало 5 случаи на коронавирус.
„Не сакам да покажам непочит кон кој било кој носи одлуки но не разбирам зошто во Турција продолжува да се игра кога во секоја друга лига во светот натпреварите се откажани а лигите прекинати“.
Во моментот кога Микел го објавил постот (14 март) во Турција биле пријавени 6 случаи на коронавирус. После четири дена веќе се 98 а еден пациент умрел. За да се сфати распротанетоста доволно е да се каже дека првиот случај на коронавирус во Турција бил регистриран на 11 март.