Официјална Франција побара од УЕФА, Турција да биде казнета откако неколку турски репрезентативци го прославија голот во милитарен-војнички стил во Париз каде мечот од квалификациската група заврши 1-1.
Ова е втор пат во само три дена, турските фудбалери да слават гол во квалификации за Евро 2020 на овој начин и тоа како отпоздравување на турската воена акција против курдското население во северна Сирија.
УЕФА, која забранува секакво политичко гестикулирање за време на настапите за репрезентација, во петокот вечер, преку својот комесар соопшти дека го истражува случајот од мечот Турција - Албанија, кога по голот на Џенк Тосун сите салутираа војнички.
И покрај тоа што им се заканува казна од УЕФА, Турците по голот на Каан Ајхан против Франција во Париз за израмнување 1-1, одново салутираа.
На својот Инстаграм, турскиот центарфор Џенк Тосун објави слика од салутирањето и напиша: „за нашата нација, посебно за оние кои ги ризикуваат животите за нашата нација“.
Согласно подточката 2е од статијата 16 на Дисциплинскиот правилник на УЕФА, дејства кои имаат политичка, идеолошка, религиозна или навредлива содржина, се со предзнак недозволиви и се забранети.
Во врска со овие инциденти УЕФА може да прибегне кон дисциплински санкции во однос на Турската фудбалска федерација.
Официјалниот твитер профил на турската фудбалска репрезентација исто постираше видео од соблекувална на кое се гледа како сите тренери и репрезентативци салутираат после мечот.
Од УЕФА за Скај Њуз рекле дека чекаат официјален извештај од делегатот на натпреварот за инцидентот и дека нема да коментираат ништо додека не го добијат.
Ова салутирање на Турците предизвика бурни реакции во Франција, каде министерката за спорт Роксана Марасино прво се заблагодарила на француската полиција што го одржала редот и мирот за овој натпревар и ги осудила турските репрезентативци дека направиле нешто што се коси со спортскиот дух.
Претходно неделава, Марин Ле Пен, лидерот на крајната десничарска партија Национален Фронт, твитнала: „Со тоа што е платформа од пропагандата на Ердоган, чии акции во Сирија ја загрижуваат меѓународната заедница, репрезентацијата на Турција ги исмеа вредностите на спортот. Време е УЕФА да го санкционира овој политички излет на Турската фудбалска федерација!“, рекла Ле Пен.
Шефот на левичарската популистичка партија Инсумис, Жан-Лук Меланшон твитнал дека играчите мора да бидат “третирани како војници на непријателската армија“ после овие нивни салутирања на терен.