На крајот од денот тие се само деца.
Така би требало да гласи насловот за веста на денот во португалскиот фудбал. Дарио Есуго никогаш нема да го заборави 20 март 2021 година кога за првпат заигра, дебитираше за првиот тим на Спортинг Лисабон на само 16 години и 6 дена и стана најмладиот дебитант во историјата на португалскиот фудбал.
Есуго пред само една недела наполнил 16 години а на мечот Спортинг Лисабон - Гимараеш (1:0) тренерот Рубен Аморим реши да го стави во игра и Есуго го замени Жоао Марио во 84' минута од мечот.
Рубен Аморим не се плаши да пушта деца од школата на Спортинг во прв тим. Сезонава дури 7 бисери од академијата тренираат и играат со првиот тим.
Кога судијата свирна крај на мечот, малиот Есуго не можеше да ги запре емоциите и се расплака. Веднаш го опколија соиграчите кои го гушкаа и му пружаа поддршка.
Пред него, рекордот како најмлад дебитант за „лавовите“ од Спортинг го држел Сантамарија, бекот кој дебитирал на 23 јануари 1999-та на 16 години, 11 месеци и 12 дена. На листата рекордери се уште и Марко Канеира кој на 17 години и 1 ден дебитирале за Спортинг, а тука е и Кристијано Роналдо кој блесна на 17 години, 6 месеци и 9 дена.
„Беше неопислив момент за кој отсекогаш сонував и дишев. Морам да им се заблагодарам на сите. Ова е само почеток, треба многу да работам и да му помогнам на клубот да ја оствари целта. Подруго е да се игра на сениорско ниво. Ме поддржаа сите и бев дури и опуштен“, изјавил Дарио Есуго кој игра во среден ред.
Малиот Есуго потпишал професионален договор со Спортинг на 17 март, а 3 дена подоцна постави нов рекорд и се расплака.