Патникот во четвртфиналето на Лигата на шампионите од дуелот помеѓу Барселона и Баер Леверкузен беше познат уште минатата недела кога актуелниот европски шампион славеше во Германија со 1:3. Единствено не беше познато дали вечерва Барселона само рутински ќе одигра со Баер или целосно ќе ги демолира Германците.
Барселона до 62-та минута имаше постигнато дури шест голови, односно по еден на скоро десет минути, а конечниот резултат гласеше 7:1, со пет погодоци од магионичарот Меси и два на Тељо.
Тортурата за Баер ја започна Меси во 25-та минута, а до петтата минута од второто полувреме тој веќе имаше забележано хет-трик.
На 4:0 зголеми резервистот Тељо кој постигна гол во својот прв контакт со топката во 55-та минута. По три минути Меси го постигна неговиот четврти гол, а четири минути подоцна по втор пат во листата на стрелци се запиша и Тељо.
Пет минути пред крајот Меси го запиша своето име во историјата на Лигата на шампиони, реализирајќи го рекордниот петти погодок на натпреварот.
На една минута пред крајот Тељо пропушти голема шанса за хет-трик, во последната минута од натпреварот Карим Белараби го постигна почесниот погодок за гостите.
Сензацијата АПОЕЛ чиј член е македонскиот репрезентативец Иван Тричковски продолжи да изненадува. Домаќините уште во деветата минута ја анулираа предноста на Лион од првиот натпревар, а истиот резултат (1:0) остана по завршувањето на регуларниот дел, како и продолженијата, по што натпреварот беше решен со изведување на пенали.
Тричковски во игра влезе во 74-та минута и беше сигурен реализатор на пеналот во четвртата серија, а херој на АПОЕЛ беше голманот Киотис кој ги одбрани ударите на Лаказет и Бастос.
Лига на Шампиони - 1/8 финале:
среда:
АПОЕЛ - Лион 1:0 (0:1) - на пенали 4:3
Мандука 9
БАРСЕЛОНА - Баер Леверкузен 7:1 (3:1)
Меси 25, 42, 47, 58, 84, Тељо 55, 62 - Белараби 90
вторник:
Арсенал - МИЛАН 3:0 (0:4)
Кошчелни 7, Росицки 26, Ван Перси 44п
БЕНФИКА - Зенит 2:0 (2:3)
Макси Переира 45, Оливеира 93