Со головите на Марин и Калер, Бока Јуниорс го победи Палестино 2-0 и ја обезбеди првата позиција во својата група. Бока ги собра сите бодови и е најдобра екипа во досегашната фаза по групи во Копа Либертадорес.
Од друга страна, Ривер имаше дури четири нерешени резултати и само благодарение на победата на Тигрес од 5-4 над Хуан Аурих обезбеди пласман во осмина-финалето. Избраниците на Марсело Гаљардо се пласираа како најлоша второпласирана екипа во Копа Либертадорес и налетаа на лутиот ривал.
Првиот осмина-финален дуел ќе се игра на Монументал на 6 мај, а реваншот е на Бомбонера на 13 истиот месец. Во меѓувреме Бока Јуниорс и Ривер Плата ќе одиграат и првенствен дуел на Бомбонера во 11 коло. Аргентинските медиуми го нарекуваат периодот „мајска револуција“ со три жестоки дерби средби во наредниот период.
Бока и Ривер по трет пат ќе се сретнат во Либертадорес: Бока славеше на претходните две средби (1/4 финале во 2000 кога го освоија и Интернационалниот куп против Реал и во 1/2 финалето во 2004, загубено финале од Онсе Калдас). Минатата година, Ривер Плата победи во Копа Судамерикана каде стигна до финалето и го освои пехарот против Атлетико Национал.
Во моментов, Бока Јуниорс - Ривер Плата е единствениот сигурен пар од осмина-финалето на Либертадорес. Сите останати парови ќе се знаат после последното коло кое се игра на 22 и 23 април.
Во домашниот шампионат, Бока и Ривер имаат по 21 бод на второто и на третото место. Ривер е во серија од четири победи, а двете екипи имаат по 6 победи и 3 нерешени средби и се без пораз.
Навивачите на Ривер и Бока со пеколна најава за дерби средбите: