Како играч, Конте со Бјанконерите освои пет скудета и еден пехар во Лигата на шампионите, а како тренер им донесе на навивачите многу радости со 3 освоени скудета пред да замине во 2014-та. Во изминатите неколку месеци дискретно се пишуваше дека некогашниот капитен на Јувентус би можел да седне на клупата на најголемиот ривал, но тоа беше во доменот на шпекулации.
Рано изутринава, уште пред 7 часот, официјалната Твитер сметка на Интер објави дека Антонио Конте е нов тренер на клубот. А во меѓувреме лансираа и едно видео снимено токму со италијанскиот стратег.
Конте го презеде Јувентус по тешките последици од аферата Калчополи и го збогати клупскиот музеј со уште еден шампионски трофеј, и тоа освоен со скромен тим.
Сега некој корисник на страницата Change.org напишал подолг пост и отворил петиција за собирање потписи со цел Јувентус да ја тргне ѕвездата од стадионот посветена на Конте.
„Да дојде Мурињо во Јувентус, тој не би му згрешил на Интер, или ако дојде Сари или Капело во Рома на времето, затоа што тие можеби кажале некои работи во текот на сезоната и тоа е во доменот на дијалектичка битка во моментот, од ситуации на теренот...
Овде имаме личност која оди во клуб во кој дури и денес има индивидуалци како Занети или Марко Тронкето (шеф на Пирели) кој никогаш не криеле што мислат за Јувентус и кои ги украдоа скудеата од истиот тој Јувентус во кој Конте играше и ги освојуваше.
Да оди во Интер не е професионален избор на Конте. Професионален избор би бил да оди во Наполи, Рома, Милан...“, стои во делот од пораката на овој корисник чија петиција да се тргне ѕвездата на Конте од стадионот на Јувентус, досега ја поддржале преку 4.000 луѓе.
Од слични причини, односно ѕвезда со своето славно име на стадионот не доби ниту легендарниот Збигњев Боњек, некогашен центарфор на Јувентус кој подоцна како стручен коментатор имаше многу критики и напади врз клубот.