Тргнав јас на Светско со точак, не е интересно со авион

Мохамед Салах не е единствениот јунак од Египет кој ќе биде на светскиот фудбалски собир во Русија. Таму се очекува да има уште еден јунак кој се вика Мохамед и кој се надева дека ќе стаса, бидејќи има фора од 2 месеци и кусур.

24 годишниот Мохамед Нуфал ја бакна мајка му за чао на плоштадот Тахрир во Каиро и тргна на долго патување во Русија за да го гледа 21-то издание на Светското првенство кое почнува на 14 јуни.
 
Храбриот Египжанец се соочува со илјадници и илјадници вртења на педалите, бидејќи го чека пат од околу 5.000 километри кои ако сака да стаса на отворањето ќе треба да ги извесла за 65 дена.
 
 
Мохамед планира да вози преку Јордан, Бугарија, Романија, Молдавија и Украина, но ќе ги прелета Турција, а претходно Сирија поради граѓанската војна.
 
На точакот меѓудругото спакувал резервни делови, дополнителен телефон, батерии и опрема за кампување. Освен во шатор планира да спие во хостели на кои ќе налета, а ќе се потпре и на љубезност кај луѓето кои ќе сакаат да го примат на една ноќ.
 
„Повеќе ми е за самото патување, бидејќи ако беше само за Светското првенство ќе се качев на авион, а вака имам голема шанса да видам нови работи“, вели момакот
Група на велосипедисти и пријатели го придружуваа Нуфал кога го стартувал своето патување во саботата, а се надева дека ќе добие помош и по пат.
 
 
За Египет ова ќе биде прво учество на Светско по она на Мундијалот во Италија 1990. Тие се во група А со домаќинот Русија, Саудиска Арабија и Уругвај.
10 април 2018 - 09:02