Слаб и изнемоштен на Пјер Ндаи Муламба му било кажано дека ќе мора да се исели од изнајмениот дом во Киншаса, 44 години откако беше исфрлен од Мундијалот во Западна Германија за удирање на судијата, дело кое тој не го стори.
Муламба има неполни 70 години, а можеби последен пат сте слушнале за него кога се одржа едноминутно молчење за неговата смрт на натпреварот меѓу Конго (поранешен Заир) и Буркина Фасо на Африканскиот куп на Нации 1998. Загинал во анголски рудник за дијаманти, но потоа се испостави дека се работи за погрешен идентитет. Муламба никогаш не бил во Ангола.
Ниту пак тој го удри судијата од позади за што доби црвен картон на мечот против Југославија на Мундијалот 1974, по што неговата кариера и на цела репрезентација на Заир од славна стана трагична приказна.
И црвениот картон исто така беше случај на погрешен идентитет. Му го покажаа во моментите кога Југославија која инаку славеше 9:0, водеше со 4:0. Во 23-та минута судијата Омар Делгадо од Колумбија опоменуваше играч на Заир за груб прекршок.
Потоа се сврти назад и го избрка Муламба од игра затоа што почуствувал удар во грб на што коментаторите се забавуваа и не сфатија дека судијата му дели црвен на погрешен човек. Муламба бил целосно збунет, а судијата тоа го протолкувал како дополнителен доказ дека глуми невин.
Следниот ден судија бил исмејуван, но поддржан од ФИФА која го суспендираше репрезентативецот на Заир на една година.
Вистинскиот виновник бил Жозеф Илунга Мвепу, истиот човек кој ќе се прослави откако на Бразилците ќе им ја рогне топката пред да изведат слободен удар.
Леопардите на Заир патувале во Западна Германија како национални херои и африкански шампиони. Пред тоа Светско првенство тие го освоиле Африканскиот Куп на нации, а Муламба постигнал 9 гола. Поради неговата брзина заработи неколку прекари како Волво и Мустанг, а откако постигнал 6 гола на еден меч еден локален весник го нарекол Хитлер “затоа што има деструктивна моќ“. Таа етикета не држела вода.
Откако го освоиле Купот на Нации во репрезентацијата бил претставен новиот бренд Волсфаген Пасат, но тие никогаш не виделе никакви бонуси и награди од тие што им биле ветени, па ниту за учеството на Мундијалот, а згора на се никој од нив не земал плата од играње фудбал.
Затоа и нивното расположение паднало за време на првенството. На почеток имаа солиден настап и загубија 2:0 од Шкотска. Потоа добија ветување дека нивните задоцнети бонуси се на пат, но не добија ниту денар.
„Имаме причини да веруваме дека југословенските власти го убедиле тренерот да го открие вашиот план за игра, затоа одлучивме да го ставиме во изолација и да направиме некои промени“ рекол емисарот на претседателот Мобуту Сесе Секо кој ја држел земјата во диктатура.
Режимот не само што одбивал да ги исплати играчите, туку и ги саботирал нивните изведби. По високиот пораз од Југославија репрезентативците на Заир биле предупредени дека ако на третиот меч против Бразил загубат повеќе од 3:0 ќе ги снајде пекол. Загубија 3:0 и кога се вратиле дома четири дена биле заробени во претседателската палата. На крајот им било дозволено да им се приклучат на семејствата.
Муламба играл за клубот АС Вита од Киншаса до 38 години потоа кусо време работел и како тренер. Во 1994-та Африканската фудбалска конфедереација го наградила за рекордот поставен пред 20 години и го поканила на церемонија каде му било врачен медал.
Од таму се вратил горд и среќен што го запамтиле. Неколку дена подоцна четири маскирани лица во воени униформи упаднале во неговиот дом и го ограбиле земајќи му го и медалот. Во тие моменти се разбудил неговиот 9 годишен син Тридон кој се стрчал да види што се случува, а еден од нив го удрил со кундакот во глава и го усмртил. Муламба бил два пати застрелан во левата нога, претепан и фрлен од мост.
Поминал 8 месеци во болница пред да биде префрлен во Јужна Африка на понатамошна нега. Останал таму со години живеејќи без пари. Сега живее во Киншаса, главниот град на Конго.
„Физични е изнемоштен, но се уште го има шампионскиот менталитет“, вели Ален Макенго, адвокатот кој пред неколку години лобирал за Муламба и неговите колеги од репрезентација да добијат поддршка што ќе им овозможи достоинствен живот.
„Тие донесоа толку голема радост и чест за земјата и инспирираа толку многу млади луѓе, што е страшно да останат вака без сигурност во животот“, вели Макенго кој успеа да ја натера владата на Конго да им исплаќа спортски пензии.
Муламба зема околу 175 фунти месечно. Неговата кирија чини малку помалку од тоа.
„Ако ја плати, како ќе јаде?“ прашува адвокатот.