Жозеф Илунга Мвепу ќе остане запаметен во фудбалската историја. Почина во петокот на 65 години, во Киншаса по долго боледување. Неговото име, но пред сè неговиот потег на Мундијалот ќе останат во сеќавање по многу нешта.
Откако одигра успешен Куп на Африканските нации, Заир за прв пат во својата историја се квалификуваше на еден Мундијал. Во група беа со Шкотска, Бразил и Југославија. Во првото коло загубија 2-0 од Шкотланѓаните, а во второто Југославија ги декласираше со 9-0.
Во 85' минута од дуелот со Бразил во третото коло, Заир губеше 3-0 а Кариоките имаа шанса да го зголемат водството со убава прилика од слободен удар. Топката ја местеше Ривелињо, а многу веќе ја гледаа во мрежата. Во еден момент, од живиот ѕид истрча Мвепу и ја рогна топката што е можно подалеку. Сите играчи се чудеа, публиката се смееше, а бекот доби жолт картон и иронични наслови во медиумите.
Мвепу не беше фудбалер катапултиран на Светското без да ги знае основните фудбалски правила. Во тоа време, во Заир владееше диктатурата на озлогласениот Мобуту Сесе Секо, претседател на Заир повеќе од 30 години. Мобуту сакал да го искористи Мундијалот за зголемување на својата популарност во земјата и надвор од неа. Воедно, диктаторот претходно имал голем удел во освојувањето на Купот на Африкански нации.
После високите порази во првите две кола, претседателот им пратил порака на репрезентативците дека никој нема жив да се врати дома во случај да загубат повеќе од 3-0 против Бразил.
Оттаму се случи и гестот на Мвепу, кој дошол како последица од паника да не се прими четвртиот гол од Бразил. Мвепу чекал до 2010. година за да ја раскаже оваа потресна приказна. На тоа се одлучил со цел да ги избрише сите коментари за неговиот, тогаш нејасен потег.
„Губевме 3-0 а јас бев опседнат од паничен напад и ја шутнав топката што е можно подалеку пред Ривелињо да го изведе слободниот. Бразилците се смееа, не знаеа како се чувствувавме во тој момент“, изјави Мвепу во 2010. година.
До крајот на мечот, Бразил не постигна гол и резултатот остана 3-0. А Мвепу сакаше само да го спаси животот и успеа во тоа.