Трабзон остана без капитенот и тренерот пред Работнички

Турскиот портал Фанатик.ком.тр пренесува дека во редовите на противникот на Работнички дошло до сериозни расправии, по што капитенот и голман на клубот Онур Киврак најверојатно го напуштил Скопје.

Како гром од ведро небо одекна информацијата дека во Трабзонспор настанал вистински хаос и тоа на еден ден пред мечот со Работнички.
 
На прес-конференцијата на скопскиот тим претпладнево ниту еден од турските претставници на медиумите не зборуваше за тоа што го пренесоа медиумите од оваа земја. Во прв план избива Фанатик.ком.тр кој пишува дека целиот метеж започнал во хотелот по мирниот тренинг на помошното игралиште на Работнички. Оставка понудил и спортскиот директор Сулејман Хурма, исто инволвиран во целиот хаос.

„Сулејман е најзаслужен што дојдов во клубов и не би било во ред да останам сега кога тој реши да замине", кратко изјавил Арвеладзе за Фанатик.

Откако играчите се вратиле во хотелот, од неразјаснети причини дошло до жестока караница меѓу тренерот Шота Арвеладзе и голманот Онур Киврак, кој решил веднаш да замине од Скопје и да се врати во Истанбул. Грузискиот тренер понудил оставка, така што Трабзонспор утре против Работнички најверојатно ќе го води помошниот тренер.
 
Арвеладзе и капитенот Киврак жестоко се скарале, по што тренерот му ја понудил оставката на претседателот Хачиосманоглу поради недисциплина во тимот.