Во натпревар од 4. коло на Лига купот, Тотенхем вечерва го пречекува Брајтон и тоа ќе биде прилика Спарс да победат на своето игралиште, откако дома веќе губеа од Ливерпул, Вест Бромвич Албион и Њукасл.
Ако на претходниот тренер Андре Виљаш Боаш му сметаше недоволно добрата атмосфера, сега Маурицио Покетино се жали на малиот терен на Вајт Харт Лејн. Аргентинецот смета дека третиот најмал терен во Премиер лигата не е доволно добар за неговиот тим да игра офанзивен и атрактивен фудбал.
„Нашиот стил на игра има потреба од поголем простор, затоа што играме позиционо. Вистина е дека Вајт Харт Лејн е премал и така му се овозможува на противникот подлабоко да се брани“, изјави Покетино.
Доказите го бранат Покетино, затоа што Тотенхем со Стоук Сити и КПР имаат терени во должина од 100 метри и се широки по 60 метри, а другите клубови имаат терени долги 105 и широки 68 метри. За кризата во екипата, поранешниот тренер на Саутемптон вели дека проблемот е од ментална, а не од физичка природа.
„Ние сме психолози. Работиме многу и во групи и поединечно со играчите. На теренот, во соблекувалните, во мојата канцеларија, но потребно е повеќе време за тоа отколку што е потребно физички да си подготвен“, зборува Покетино.
Аргентинецот ја превзема целата одговорност за слабите резултати во домашното првенство и според него, стручниот штаб е тој што треба да ја покрене екипата.
„Тоа е нашиот предизвик, да ја подобриме атмосферата во екипата и сите 25 играчи во соблекувалната да бидат отворени меѓу себе. Фудбалерите сакаат да го слушнат тренерот, помошниците, затоа што фудбалот е колективна игра и треба да им помогнеме затоа што сме како семејство“, заклучи тренерот на Тотенхем.
Должина и ширина на терените во Премиер лигата:
Вест Бромвич Албион 105/68
Свонси 105/68
Сандерленд 105/68
Саутемптон 105/68
Њукасл 105/68
Манчестер Јунајтед 105/68
Манчестер Сити 105/68
Хал 105/68/
Астон Вила 105/68
Арсенал 105/68
Барнли 105/66.7
Челси 103/67.5
Ливерпул 101/68
Кристал Палас 101/68
Вест Хем 100.6/68
Лестер 102/67
Евертон 100.5/68
Тотенхем Спарс 100/67
Стоук 100/66
КПР 100/65.9