Шампионскиот тим што Ајакс го продаде

Да имаат повеќе средства и да не се приморани да ги продаваат најголемите ѕвезди, тимот составен од играчи кои продефилирале во Амстердам сигурно би бил на кровот на Европа. Од година во година, Ајакс ги продава своите најдобри фудбалери, а изворот за првата екипа го наоѓа во академијата.

Еве како би изгледал шампионскиот тим на Ајакс да не мораа да ги продаваат најголемите ѕвезди:

Голман - Мартин Стекеленбург.

Овој голман ги помина своите најдобри денови во кариерата токму во Ајакс. Во сезоната 2010/2011 беше прогласен за најдобар играч на холандското првенство. После Ајакс не се наигра, замина во Рома, па во Фулам а сега е во Монако каде нема место ниту на клупата за резерви.

Десен бек - Грегори Ван Дер Вил.

Ван Гал упорно настојуваше да го доведе во Минхен кога беше тренер на Баерн, но одличниот бек се реши за ПСЖ каде игра и денес.

Стопер - Томас Вермален.

Одличниот дефанзивец се прослави на Амстердам Арената. Замина во Арсенал каде имаше многу проблеми со повредите, по што се пресели во Барселона. Многу навивачи на Барса беа критични кон управата што купила повреден играч. Иако речиси една година е во Каталонија, уште нема ниту еден настап за првиот состав на Барса.

Стопер - Јан Вертонген.

По феноменалната сезона 2011/2012, кога беше најзаслужен што Ајакс освои нова титула, замина во Премиер лигата. Во моментов игра за Тотенхем.

Лев бек - Максвел.

Уште еден бек на ПСЖ, човек кој е верна сенка на Златан Ибрахимовиќ. Бразилецот има неверојатни 26 трофеи во кариерата, а со Ибра играше заедно во Ајакс, Интер, Барса и ПСЖ.

Играч за врска - Најџел де Јонг.

Иако тоне во сивилото на Милан, де Јонг и натаму е мошне баран фудбалер на европскиот пазар. Најдобар играч на Ајакс беше во 2006. година.

Играч за врска - Кристијан Ериксен.

Еден од најдобрите фудбалери на Тотенхем сезонава и најдобар играч на Данска во моментов. Одличен креативец, постигна 21 гол и има 17 асистенции на 77 средби за Спарс.

Играч за врска - Весли Снајдер.

Уште еден исклучителен креативец кој поседува фантастичен шут. Важи за еден од најдобрите шутери во европскиот фудбал. Играше за Реал Мадрид и Интер, а сега го носи дресот на Галатасарај заедно со Горан Пандев.

Играч за врска - Рафаел Ван дер Варт.

Капитенот на Хамбург кој најави дека ќе замине од клубот на крајот од сезонава, засекогаш ќе остане дел од неговиот Ајакс. Играше за Тотенхем и за Реал Мадрид.

Напад - Луис Суарез.

За Уругваецот нема што многу да се зборува. По одличната епизода во Ајакс (111 голови на 158 натпревари) премина во Ливерпул, а од таму за огромна сума потпиша со Барселона.

Напад - Златан Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот е фудбалер кој никогаш не одиграл повеќе од 100 натпревари за еден клуб, но веројатно така ќе биде со ПСЖ каде е близу стотката. Во моментов е еден од најдобрите центарфори во светот.

Од познатите европски фудбалери, во последната деценија за Ајакс играа уште и Џон Хејтинга, Урби Емаунелсон, Фелипе Луис, Рајан Бабел, Кристијан Киву, Стивен Пинеар и други.