Технологија во фудбалот, да или не?

Само оваа сезона бевме сведоци на многу судиски грешки, а последниот таков случај беше на натпреварот од Европското првенство помеѓу Украина и Англија. Притисокот за воведување на нови технологии во фудбалот е се поголем, но дали на фудбалот му е потребна ваква голема промена и дали таа треба да се применува само на гол линијата или и за други спорни ситуации?

Тестирањето на технологиите „око соколово" и „гол-реф" влегува во завршна фаза, а Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) на 2. јули во Киев треба да ја донесе конечната одлука.

Технологијата „око соколово" веќе се користи во тенисот и крикетот и таа е базирана на снимки од повеќе камери, а „гол-реф" користи магнетно поле и специјална топка за разрешување на спорните ситуации за тоа дали топката ја поминала гол линијата или не.

Пред почетокот на Светското првенство во Јужна Африка во 2010-та година, претседателот на ФИФА, Сеп Блатер беше еден од главните противници на воведувањето на видео технологијата во фудбалот. Тој тврдеше дека оваа промена може да ја загрози спонтаноста и шармот на играта.

Но, по поништениот гол на Френк Лампард на натпреварот помеѓу Англија и Германија, Блатер го промени своето мислење. Тој наеднаш стана еден од главните поборници за воведување на видео технологијата во фудбалот.

Сепак Блатер има опозиција. Најголем поборник против воведувањето на нови технологии во фудбалот е претседателот на УЕФА, Мишел Платини кој не е задоволен со ваква голема промена на најважната споредна работа на светот.

Технологија на гол-линија или и за други спорни ситуации?

Колку и да се противи Платини, новите технологии наскоро ќе почнат да се применуваат во фудбалот, но сега се поставува прашањето дали тие треба да се применуваат и за други спорни ситуации.

Класичен пример за ова е натпреварот против Украина и Англија. Судиите не признаа чист гол за Украина

но неколку секунди претходно не видоа и офсајд по кој и беше постигнат фамозниот гол.

Денес сите дискутираат за непризнатиот гол на Украина, но факт е дека ако судиите го видоа офсајдот, тогаш немаше воопшто да се случи и спорната ситуација со голот.

Сакаме да го прочитаме и вашето мислење. Дали на најважната споредна работа на светот му е потребна ваква голема промена и дали веќе ако се воведува видео технологијата, таа треба да се применува само за гол линијата или и за други спорни ситуации како на пример за офсајд?

Гласајте на анкетата на нашата Facebook фан страна и пишете го вашето мислење во коментарите под оваа статија.

20 јуни 2012 - 14:01