Ретко кој од помладите не слушнал од постарите за настанот на сплитскиот стадион Пољуд, кога заедно плачеле 50 илјади навивачи, фудбалери, тренери и судии.
Точно 35 години после тој настан, актерите на култниот натпревар Хајдук - Црвена звезда раскажуваат дека веста за смртта на маршалот ги потресла искрено и дека нивната реакција пред камерите била природна.
„Страшен момент. Сите знаевме дека Тито е пред умирање, но веста која нè пречека долу на теренот нè скрши сите. Плачев како дожд. Убаво се живееше во времето на Броз и не се гледаше кој е Македонец, Хрват, Србин, Словенец или Босанец. Никогаш веќе нема да имаме такво чувство на единство. Поради тоа ги паметам и не се срамам од солзите за Тито“, вели Бошко Ѓуровски, поранешниот селектор на Македонија за Ало.
Големото дерби на југословенскиот фудбал е прекинато во 42. минута при резултат 0-0, кога спикерот на стадионот ја објавил веста дека после долго боледување умрел првиот човек на државата со 22 милиони жители.
„Кој вели дека не плачел за Тито, тој лаже. Постојат снимки, фотографии, видеа. Од историјата не може да се побегне, ниту пак има причина за такво нешто. Брат ми Зоран падна на колена од тага, јас плачев многу. Раме до раме седевме сите фудбалери од двата тима. До мене беа Пижон, Шестиќ, Ѓуровски, Боровница... На сите ни беше тешко“, вели Златко Вујовиќ, брат на Зоран Вујовиќ.
Дуелот се преиграл 17 дена подоцна, а белградскиот состав славел 1-3. Со тоа победа, Црвена звезда практично ја освоила титулата во сезоната 1979/1980.
„На никој не му беше до фудбал, натпреварот се одложи. Дома тргнав пешки и бев дел од таа поворка на 50.000 збунети луѓе. Неверојатно но во тој метеж не се слушна ниту една свирка, сирена, викотници. Завладеа страшна атмосфера. Сите се прашувавме: Што ќе биде со нашата држава после Тито? Кој ќе не води? И еве до каде стигнавме сите заедно. Кога ќе видам како изгледаат хрватската и српската лига ми доаѓа пак да заплачам“, вели Златко Вујовиќ, легендата на Хајдук Сплит.
Видео од настанот на Пољуд во Сплит:
Головите од повторениот меч 17 дена по смртта на Тито: