Џуд Белингем пак игра во фантастична форма. Ѕвездата на Реал Мадрид постигна дури 8 гола на последните 11 натпревари за репрезентација, имаше гол и дури 3 асистенции во историската победа против Хрватска од 0-7. Последен англиски репрезентативец кој имал четири ефикасни дејствија на еден натпревар бил Дејвид Плат со 4 гола против Сан Марино во 1993-та.
На кого е Џуд така добар фудбалер? Тоа е мошне лесно прашање ако отидете на Јутјуб и го погледнете 39-минутното видео каде татко му играл врвен фудбал за нисколигашот Лемингтон во Англија.
Во видеото може да се види како Марк Белингем дава 48 гола во сезоната 2008/2009. Лемингтон тогаш ја освоил осмата дивизија во англискиот фудбал. Повеќето голови му биле со неговата посилна, лева ноа, а има и бројни голови со глава. Интересно тој тогаш а исто како и Џуд сега никогаш не се плаши да влета во шеснаесетникот кај што е најгусто и да даде гол со глава.
ФУДБАЛСКИОТ ПАТ НА МАРК БЕЛИНГЕМ
Марк Белингем растел во Саутенд, симпатичен приморски град на југот од Англија недалеку од Лондон. Навивал за Лемингтон, истоимениот клуб од неговиот град, чиј симбол е шкампа (дури и маскотата им е шкампа која шета пкрај теренот).
Овој клуб уште се натпреварува во таканаречената Non League, односно вон професионален ранг, аматерски фудбал. Но едно време осцилирале меѓу трета и четврта лига - ниво кое Белингем-стариот никогаш не го достигнал. Никогаш не зиаграл во повисока лига со Лемингтон.

Марк како помлад ги поминал фудбалските школи на Чарлтон и Вотфорд но не останал долго во тие клубови. Еднаш за малку ќе останел во Лејтон Ориент зошто на проба дал гол после само 60 секунди но во клубот имале финансиски проблеми и не се договориле со него.
Марк Белингем играл за клубови за кои сигурно никогаш не сте слушнале: Католик Јунајтед, Ист Тарок Јунајтед и Челмсфорд Сити. Секаде давал и давал многу голови.
Подоцна се запишал на факултет за воени студии и спортски науки на Универзитетот во Вулхерхемптон. Се преселил од Челтнем Таун во Мидлендс (Централна Англија) за да биде поблизу до универзитетот. Таму многу му се допаднал животот.
„Тоа беше време кога уживав во студентскиот живот. Секако, можев да бидем помотивиран“, вели Марк Белингем.

Во Мидлендс додека студирал се запознал со Дениз која подоцна во две години ќе му ги донесе на свет двата сина: во 2003-та Џуд и во 2005 Џоуб.
Талентот на Марк Белингам за голови не исчезнал со раѓањето на неговите деца. Тој успеал некако да ги усклади фудбалот и работата како полициски наредник при што на неговата листа на клубови во кариерата се наоѓа и еден со име „Вест Мидлендс Полис ФЦ“.
Во сезоната 2005/2006 постигнал 61 гол за клубот Стоурбриџ и 48 гола за сезона во Лемингтон (2008/2009). Двата подвизи ден-денес се рекордни во тие клубови. Поради тоа Белингам-постариот го викале „Пеле од нон-лиг“.
„Не знам како му одеше тоа (да игра и да работи во полиција)“, вели Џејсон Кадлен тренерот на Марк Белингем во Лемингтон. „После вечерните натпревари само што ќе свирнеше судијата, Марк тргнуваше од лице место. Брзо се тушираше, седнуваше во кола и во 21:00 почнуваше ноќна смена во полиција“.

Но најмногу од се сакал да дава голови. Во 2016-та го постигнал својот рекорден и јубилеен 700. гол во кариерата додека настапувал за Пејџет Ренџер. Тогаш имал 40 години и зад себе две повреди на предните вкрстени лигаменти.

Во една прилика, професионалните навики на Марк добро му дошле на теренот.
„Игравме дома против Кворн и еден од нивните играчи претрпе двојна скршеница на ногата, од оние страшни повреди кај што ногата е искривена под неприроден агол“, раскажал Џон Форд кој бил тренер-играч во аматерскиот клуб Стаурбриџ во време кога таму настапувал Марк Белингем.
„Натпреварот беше прекинат, а Марк со уште еден полицаец, Ричард Друет ја презедоа контролата врз ситуацијата. Му пружија прва помош на играчот на теренот пред да пристигнат медицинските лица и одлично си ја завршија работата“.
„Својот 700. гол го дадов од слободен удар што за мене е огромна радост: општо секој гол надвор од шеснаесетникот за мене е нешто необично! Минатата сезона ми фалеа само два гола до бројката од 700. А на последниот натпревар не можев да играм поради суспензија поради црвен картон. Тоа беше мое прво исклучување во кариерата.
Летото размислував дали да ја завршам кариерата, но до заветната бројка ми фалеа само два гола па ми се пројави чувство дека имам незавршено дело. Сега таа пресвртница е зад мене, така што може да здивнеме“, изјавил Марк за изданието nonleaguefootballpaper.
Но напротив, тој не забавил. Одиграл уште неколку години за Саутем Јунајтед. Се повлекол во 2019-та, симболично истата година кога Џуд Белингем за 16 години како голем талент дебитираше за Бирмингем Сити.
Или можеби тоа му било дел од планот - да се фокусира на кариерите на своите талентирани синови.

„Често зборуваме за фудбалски идоли, а мене првиот таков херој ми беше татко ми“, изјави Џуд во едно интервју за англиската фудбалска асоцијација (ФА) во 2021 година.
„Кога секоја недела одиш да го гледаш како игра во пониските лиги, иако се разбира, сфаќаш дека тоа не е Премиер лига или нешто слично, но начинот на кој играше и самата атмосфера направија да се вљубам во фудбалот. Така што тој беше веројатно мојот прв идол. Мислам дека таа цврстина и борбен дух, способноста да покажеш решителност во прав момет, сето тоа го стекнав токму додека го гледав татко ми како игра... Иако тој всушност никогаш не одеше со остри стартови“, раскажа Џуд Белингем.
Минатата есен, еден 49-годишник пристигнал во седиштето на Хердек Енде, полупрофесионален клуб со седиште во близина на Дортмунд. „Здраво јас сум Марк, барам тим за ветерани каде би можел да играм“, им рекол.

Му било дозволено да се приклучи на ветераните, но набрзо покажал дека е способен за повеќе. Кон крајот на октомври Марк дебитирал за првиот тим на натпревар од Купот против Берхум Гаренфелд.
Белингем-сениор постигнал три гола на своите први два натпревари во Германија каде за Дортмунд сега игра неговиот помлад син, Џоб Белингем, помладиот брат на Џуд кој блескаше претходно во Борусија.
„Марк е неверојатно опасен пред противничкиот гол“, изјавил клупски раководител Марсел Шунке кој го пофалил својот нов играч.
