
Сјајниот германски голман (36) пред неколку дена фатил такси од центарот на Минхен и се возел од историската населба Лехел до најубавиот предел во Баварија, до вилата кај езерото Тегернзе (Tegernsee). Во моментот кога излегувал од таксито, на Нојер му испаднал новчаникот од џеп.
Таксистот Хазир (40), Турчин по потекло по подолго време кога се вратил дома и кога ја чистел колата, забележал дека на задното седиште има нешто па кога приметил дека е новчаник, решил да тргне експресно брзо назад со цел да му го врати скапоцениот предмет на најпознатиот патник кој некогаш го возел.
„Стоев на Одеоншплац. Мануел Нојер влезе со пријател и ја држеше вратата за него. Го познав ама не сакав да прашувам ништо“, ја почнува својата приказна Хазир.
Во новчаникот била личната карта со лични податоци и адреса на живеалиште на голманот.
Тој возел 120 километри назад за да го врати новчаникот и на местото каде од Минхен го оставил Нојер, прашувал некои луѓе каде би можел да го најде најдобриот германски голман во историјата.
Кога конечно го нашол, му го вратил драгоцениот новчаник а Мануел за возврат не му дал ништо во моментот, туку после неколку дена на домашна адреса му пратил пакет со дрес и автограм.
Хазир за германските медиуми рекол дека бил разочаран од подарокот на германскиот репрезентативен голман затоа што целиот пат назад и повторно по иста насока дома го чинел речиси 400 евра гориво и други патни трошоци.
„Најдов многу пари, кредитна картичка Visa Card Platinum и возачка дозвола која му припаѓаше на Нојер во колата. После 10 дена откако го вратив новчаникот, пакет достава ми стигна на домашна адреса. Имаше само еден дрес во кутијата, ниту ливче со благодарам. Имам 4 деца, тој ме направи будала. Комплетно разочарување, крајно сум разочаран!“.
А не е дека Нојер е стипса, пишуваат германските медиуми, затоа што најдобриот светски голман на таксистот му раскажал како сака да купи нова вила над езерата Шлирзе во Горна Баварија каде има елитни и луксузни вили.
Според најреномираниот германски лист Bild, такситот според закон за пронајден и изгубен имот имал право да земе најмалку 64 евра такса од 800 евра во новчаникот. Според овој необичен закон, за изгубена сопственост над 500 евра, таксата за пронаоѓачот е 8%.
Хазир сега е решен да го продаде дресот и да заработи нешто од него. „Кој сака и за колку пари да го купи ќе видиме“, рекол чесниот пронаоѓач кој на крај бил разочаран.
На Твитер заедницата, мнозинството поинаку го оценува настанот. Тие го критикуваат таксистот зошто го вратил новчаникот само поради можноста да добие награда од лицето кое го изгубило предметот.
„Ако сторите нешто добро, вие всушност не го правите тоа за да добиете нешто за возврат“, вели еден германски корисник на Твитер.
Други коментираат дека Хазир едноставно можел да го предаде новчаникот во најблиската канцеларија за изгубени работи наместо да се мачи да вози до таму назад.