Европа слушна за анонимниот казахстански клуб Шахтер од Караганди откако во второто квалификациско коло на два пати го победи вардаровиот познаник БАТЕ Борисов и го елиминираше редовниот белоруски претставник во европските натпреваруња.
Во третото коло со вкупни 5:3 го елиминираше и албанскиот Скендербег од Корча и стана првиот казахстански тим што стигнал до плеј-оф фазата на Лигата на шампиони. Малиот казахстански тим се наоѓа на чекор до пласман во европската елита, но на патот до групната фаза му стои шкотскиот гигант Селтик.
Сепак Казахстанците не се предаваат и се надеваат дека ќе успеат да го повторат успехот од претходните рунди, а за да го сторат тоа тие ги преземаат сите мерки, вклучувајќи и жртвување на овца за среќа.
Челниците на клубот не сакале многу да говорат за овој ритуал, а казахстанските медиуми објавија фотографија од несреќната овца која на теренот на Шахтер ја заклал муслимански свештеник. Тренерот на тимот само кусо изјавил дека тие имаат традиција која не сакаат да ја прекинат.
Во многу муслимански земји како Казахстан, се верува дека ритуалното жртвување на животно носи среќа. Месото од закланото животно по ритуалот им се дели на сиромашните.