ТАА со емотивно видео се прости од својот Ливерпул

Заменикот капитен и дете на Ливерпул, Трент Александар-Арнолд, еден од најзаслужните фудбалери за астрономските успеси на црвените во последниве години, снимил видео во кое им се обраќа на сите навивачи на новиот шампион на Англија. Тој им се заблагодарува и најавува дека заминува по крајот на сезоната, како што и претходно се зборуваше. Најверојатно по 30-ти јуни станува член на Реал Мадрид и тоа како слободен играч, без обештетување.

Epa Images
Epa Images
Photo: EPA Images

„По 20 години во Ливерпул, дојде моментот да потврдам дека си заминувам на крајот од сезонава. Ова беше најтешката одлука што сум ја донел. Сакав во целост да се фокусирам на тимот и на освојувањето на 20-та титула, па затоа досега не зборував за ова“, го почнува своето обраќање Александер-Арнолд.

„Овој клуб беше мојот живот, љубовта кон него никогаш нема да згасне. Секогаш ќе им бидам благодарен на сите што ми помогнаа – од тренерите, соиграчите, до навивачите. Но сакам нов предизвик, да излезам од комфорната зона и да созреам и професионално и лично“, додаде тој.

Универзалецот кој почна како десен бек па потоа заигра и како крило и врвен играч за врска во средниот ред, се приклучи на школата на Ливерпул на 6-годишна возраст и дебитираше за првиот тим во 2016 година. Досега одигра 352 натпревари, постигнато 23 голови и освои осум големи трофеи, меѓу кои и титулата од Премиер лигата сезонава.

5 мај 2025 - 14:24