Страшно тешкиот подвиг на Сасуоло кој само четири пати се случил во Серија А

Статистичарите извадија податок дека вакво нешто последен пат успеала да направи Фиорентина пред 66 години. Што се случило на крај? Го освоила Скудетото.

Ако Аталанта изминативе сезони е хит број 1 во Италија, која стигна до историски пласман во ЛШ, па дури и до четвртфинале, втората екипа која од сенка најмногу им пркоси на големите е Сасуоло.

Тим кој негува напаѓачки фудбал, изразен со голема ефикасност. Сезонава имаат постигнато 43 гола, пет повеќе од Јувентус. Две сезони по ред се осми на табела, лани со 62 бода, исто колку Рома.

Што е толку посебно што направи оваа екипа?

Успеа во една сезона да ги победи Јувентус, Милан и Интер, трите најтрофејни италијански клубови кои заедно имаат освоено 73 титули во Серија А од вкупно 124. И тоа на гости.

Серијата ја отворија против Старата дама кога на 27 октомври ја добија со 1:2. Еден месец подоцна го освоија Сан Сиро и тоа со пресврт од 1:0 на 1:3. Викендов му удрија шамар и на бранителот на титулата кој го решија со два гола во прво полувреме.

Другите три екипи кои успеале во една сезона да ја добијат големата тројка на гости се Фиорентина, Торино и Виченца. Кога Виолетовите го сториле тоа во сезоната 1955/1956, станале шампиони на Италија.

Погледнете како ги изработија за вториот гол. Где је лопта му направија на актуелниот првак.

22 февруари 2022 - 12:15