Стоперот на Холандија уште не се родил кога последен пат ја добиле Белгија

Вечерва во Брисел репрезентациите на соседните земји Белгија и Холандија ќе се сретнат по 127. пат во својата долгогодишна историја а дуелот го следат неколку занимливости.

Во последните години Белгија и Холандија значително ги сменија своите места на ранг листата. „Црвените ѓаволи“ се први на свет и важат за најсилна селекција во моментов на планетата, а „лалињата“ со години се бараат себеси и некако како да излегоа од длабоката криза во која западнаа.

И покрај тоа „портокаловите“ имаат далеку повеќе титули и достигнувања во светскиот фудбал од нивните јужни соседи.

На 126 меѓусебни средби, Холандија победила 55 пати, Белгија 41 а 30 пати играле нерешено. Холандија води по бројот на постигнати голови во дуелите со Белгија: 279 наспроти 219. Но...

21 година без победа

Верувале или не последната победа на Холандија над Белгија датира од минатиот век! Во септември 1997 година во рамки на квалификациите за Светско првенство во Франција ’98, Холандија со 3:1 ја победи Белгија во Амстердам, а година дена претходно, во декември 1996 со 0:3 ги декласираа и во Брисел. Тоа беа 118 и 119 нивен меѓусебен дуел.

После тоа овие две селекции четири пати играле нерешено (0:0, 5:5, 2:2, 1:1). Подоцна Белгија славела две победи (1:0 во Ајндховен во 2004 и 4:2 во Брисел во 2012). На крајот последната средба на соседите беше во Амстердам 2016 и заврши 1:1 (на голот на Класен гостите одговорија преку Караско).

Интересно, ниту една од овие победи над Белгија не ја видел најталентираниот холандски фудбалер во моментов, 19-годишниот стопер на Ајакс Матејс де Лихт.

Централниот бек е роден на 12 август 1999 година, односно 23 месеци по последниот триумф на Холандија.

КУМАН КРШИ ТРАДИЦИИ

Роналд Куман стана селектор на Холандија пред помалку од една година. За тоа време Холандија одигра 7 меча: победи 3 пати, изгуби 2 пати и ремизираше 2 пати. Две од трите победа беа историски:

Холандија - Португалија 3:0. „Оранже“ многу тешко се носи низ историјата против Португалците. Првата победа ја забележиле во 1991 година а втората сега под водство на Куман.

Холандија - Германија 3:0. Под Роналд Куман Холанѓаните првпат во историјата ги декласираа своите источни соседи. Претходно 16 години не можеа да помислат да ја победат Германија.

5 ГОДИНИ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

На 15 октомври 2013 Мемфис Депај дебитираше во репрезентацијата на Холандија. Синоќа прославил мал јубилеј. За пет години колку што е репрезентативец, напаѓачот на Лион одиграл 41 натпревар и постигнал 12 гола.

Со таквиот учинок Депај стана најмладиот играч на Холандија од 1998 година па наваму на кого му успеало да даде толку гола на таа возраст (24 години и 242 дена). Помлад стрелц на толку гола во историјата на репрезентацијата бил Патрик Клајверт на времето.

МЛАДИ РЕКОРДЕРИ

Мечот против Германија стана 10-ти настап за капитенот на Ајакс Матејс де Лихт кој има 19 години. За да се долови неговиот подвиг треба да се види оној на најзначајните играчи во Холандија во последните 30-ина години:

- Весли Снајдер 10-от меч го играл на возраст од 20 години
- Едвин ван дер Сар - 25 години и 8 месеци
- Франк де Бур - 22 години и 5 месеци
- Рафаел ван дер Варт - 20 години и 7 месеци
- Џовани ван Бронхорст - 24 години и 4 месеци

Матејс де Лихт денес има 19 години и 2 месеци и се очекува да биде долгогодишен лидер и капитен на препородената Холандија.