Романскиот претставник Стеауа Букурешт го приреди најголемото изненадување во осминафиналните дуели од Лигата на Европа и со голот на Русески од пенал го порази минатогодишниот победник од Лигата на шампионите со 1:0. Даниел Георгиевски поради повреда веќе четири месеци не е во тимот.
Во дерби пресметката во Лондон, Тотенхем целосно го надигра тимот на Интер и со 3:0 си ги зголеми шансите за четврфиналето. Резултатот го отвори маестралниот Герет Бејл уште во 6 минута, водството го зголеми Сигурдсон во 18 минута, а конечните 3:0 ги постави Вертонген во 53 минута.
На дуелот помеѓу Базел и Зенит, домаќините успеаа да стигнат до солиден резултат во финишот од натпреварот. Диаз го отвори резултатот во 83 минута, а Фреј од пенал ги постави конечните 2:0 во последната минута од мечот.
Победа на домашен терен обезбеди и екипата на Бенфика која со голот на Родриго во 21 минута го совлада Бордо со минимални 1:0.
Победи на гостински терен обезбедија Лацио и Фенербахче. Италијанскиот претставник со головите на Едерсон и Онази обезбеди значајна предност од 2:0 на гостувањето против Штутгарт. Турскиот состав со голот на Вебо во 81 минута ја совлада Викторија Плзен со 1:0. Натпреварите Анжи - Њукасл и Леванте - Рубин Казан завршија без голови.