Реал Овиедо испадна од шпанската Примера во 2001-та година, а во 2003-та година се преселија во четвртата лига. Клубот веќе долги години се наоѓа во тешка финансиска криза, а во живот го одржуваат навивачите кои на нивниот стадион со капацитет од 30.000 гледачи рушат рекорди во посетеност во третата лига.
Во моментов прославениот шпански клуб игра во третата лига и се наоѓа на работ на банкрот. На клубот му се потребни 1,9 милиони евра, па челниците решија да продаваат акции по цена од 10,75 евра. Акции може да купи било кој преку официјалниот сајт, а за сопствениците на акции од странство челниците на Овиедо ветија бесплатен влез на нивните натпревари.
За Реал Овиедо во периодот од 1995-та до 1997-та година настапуваше поранешниот македонски репрезентативец Митко Стојковски. Дресот на Овиедо го носеа и Пауло Бенто, Виктор Онопко, Роберт Просинечки, Славиша Јокановиќ, Абел Ксавиер, Стен Колимур... а овој клуб ги произведе Хуан Мата од Челси, Санти Казорла од Арсенал и Мичу од Свонси.