Сопственикот на Луј Витон готов да го купи Милан

Еден од најбогатите луѓе на светот и најбогатиот Европеец, Бернар Арно е близу до купување на мнозинството акции во Милан. Овие гласини за потенцијална зделка одамна се плетат, но во последните недели се позасилени.

Новинарот инсајдер Лука Серафини отиде до таму што напиша дека веќе е постигнат договор меѓу американскиот хеџ-фонд Eliott (сопственик на Милан) и LVMH (групацијата на Арно).

АРНО ПРЕДЛОЖИЛ 975 МИЛИОНИ ЕВРА И САКАЛ ДА ГО ВРАЌА АЛЕГРИ НА ДОЛГИ ПАТЕКИ

Иако новинарот Серафини објави дека зделката ќе биде ратификувана по одобрувањето на дозволата за изградба на нов стадион, а реномираниот La Repubblica објави дека Французите понудиле 975 милиони евра и чекаат договор, синот на милијардерот Арно, Антоан Арно јасно ставил до знаење дека оваа информација не е точна.

 

Но инсајдерот Серафини не попуштал:

„Утрово разговарав со Микеле Калкатеро, шеф на одделот за комуникации во LVMH коишто ја демантираа мојата вест за договорот со Eliott. Јас ги штитам своите извори и ги потврдувам сите информации кои подробно ги собравме во последните неколку месеци“.

Серафини инаку комуницира со луѓе од управата на Милан. Тој прв напиша дека Берлускони го продава клубот во 2018 и прв пишуваше за интересот на Арно (Луј Витон) да го купи славниот клуб. Друг инсајдер, Луј Жирарди исто пишал дека страните веќе се договорени. Тој рекол дека Арно-помладиот ја демантира веста поради влијание на пазарот и акциите на клубот.

Ко-сопственикот на Eliott Гордон Сингер беше на последниот домашен меч на Милан против Сампдорија (0:0). Според La Repubblica, тој слетал во Милано за средба со Арно и преговорите се во поодмината фаза. Агентот Масимо Брамбати дури и објавил имиња кои францускиот бизнис титан сака да ги види во Милан:

„Бернар Арно го купува Милан и тоа го убеди Ибра да се врати. Алегри и Ариедо Браида (најуспешен генерален менаџер на Милан од 1986 до 2002 година и спортски директор од 2002 до 2013) исто би требало да се вратат. Прашање е дали ќе остане Малдини“, рекол Брамбати.

МИЛАН Е ОД ГЛАВНИОТ ГРАД НА МОДАТА, ТОА ГО ПРИВЛЕКУВА И АРМАНИ

Поранешниот претседател на италијанската фудбалска федерација (FIGC) Карло Тавекио демантира дека тој бил посредник во зделката меѓу Арно и Eliott. Но кажал дека Милан е привлечен за бизнисменот:

„Многу голема перспектива има. После Брегзит, Лондон ја напушта Европа и триогалникот Франкфурт-Париз-Лондон ќе се смени во Франкфурт-Париз-Милано. Оние кои во Европа се занимаваат со комуникации, со мода, со храна, со финансии, во Милано ќе најдат благородна почва. Појавувањето на Луј Витон би било добро за Милан и за цела Италија“.

Милано е центар на светската мода така што зделката би била реална. Во групата на компанијата на Арно влегуваат Louis Vitton, Christian Dior, Givenchy, Guerlain, Moët & Chandon, Hennessy, Chaumet и др.

Фудбалскиот клуб Милан може да стане совршена витрина за модната империја на Французинот кој се наоѓа на третото место на најбогати луѓе на светот (богатството му се проценува на 106 милијарди долари). Минатата година Арно заработил најмногу од сите „конкуренти“ на листата.

Според Bloomberg неговата финансиска состојба за една година се зголемила за 36,5 милијарди долари. А Forbes пресметал дека Арно во 2019-та стигнал до 40 милијарди долари.

Инаку Милан прејде во сопственост на американскиот хеџ-фонд во 2018 година откако претходниот сопственик на клубот Јоннхонг Ли не можел да го отплати кредитот кој го земал за да го купи клубот од Силвио Берлускони.

Американците наводно посакувале потенцијалниот купувач да даде 1-1,2 милијарди евра, но последните катастрофални изданија и резултати на Милан бајаги ја урнале цената.

14 јануари 2020 - 11:29