Македонија вечерва од 20:45 на „Тоше Проески Арена“ ја пречекува соседна Бугарија. Интересот за овој натпревар е мал во однос на сите претходни собири, пред сè поради слабата форма на нашите репрезентативци, бледите резултати во групата (1-1 со Бугарија на гости, 0-3 пораз од Грузија во Скопје и пораз 2-0 во Тбилиси), како и неатрактивниот ривал кој не е ни бледа сенка од некогашната репрезентација.
Македонската селекција ќе игра за да го сочува второто место во групата, за подобрување на местото на УЕФА и ФИФА ранг листите и зацврстување во четвртиот шешир пред ждрепката за ЕВРО2024. Извлекувањето е на 9-ти октомври во Франкфурт.
Македонската фудбалска репрезентација со мечот со Бугарија ќе ги заврши обврските од Лига Нации и ќе се сврти кон традиционалните квалификации за Европско првенство 2024.
Бугарите, предводени од новиот селектор Младен Крстајиќ, во Скопје доаѓаат по победа која исто би им осигурала четврти шешир на ждрепката за „европските финали“ и да избегнат непријатна варијанта од петти шешир да добијат четири силни ривали.
Крстајиќ имал успешно деби во Разград, додуше против аматерскиот Гибралтар кој го победија 5-1. Српскиот тренер се потпрел на повеќе нови лица, дебитанти кои досега не биле повикувани. Тоа, рече македонскиот селектор му направил проблем на него и неговиот стручен штаб во анализата.
„Штом е спорт, не може да нема интерес. Имаат интерес каков што имаме и ние. Нема неважни натпревари. Ќе се потрудиме да победиме секако. Мечот со Гибралтар мина како мина, рековме дека ќе победиме и навистина победивме. За бугарската репрезентација е многу важно да имаме концентрација 90 минути и желба да се победи. Македонија е добра селекција, очекувам тежок меч, треба да ја почувствуваме енергијата која беше на мечот со Гибралтар“, изјави Крстајиќ.
А најдобриот бугарски фудбалер, крилниот напаѓач Кирил Десподов од Лудогорец е убеден дека Бугарија ќе оствари позитивен резултат против Макеоднија.
„Дали ќе има тензија? Јасно е дека ќе има, но не треба да не интересира што зборуваат новинарите или што викаат навивачите. Треба да сме уште помотивирани, во Разград реков дека ние го гледаме овој дуел за фудбалски натпревар, а тие за нешто повеќе. Убеден сум дека ќе оствариме позитивен резултат. Треба да играме подобро од Македонија, да покажеме силен карактер, да се бориме на теренот“.
Можни состави:
Македонија - Столе Димитриевски, Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Дарко Велковски, Езѓан Алиоски, Елиф Елмас, Енис Барди, Стефан Спировски, Стефан Ашковски, Александар Трајковски, Миовски.
Бугарија - Даниел Наумов, Петко Христов, Валентин Антов, Антон Недјалков, Јоан Стојанов, Илија Груев, Филип Крстев, Илијан Стефанов, Марин Петков, Радослав Кирилов, Кирил Десподов.