Што спортска среда ќе беше ова?

Се враќаш од работа, навраќаш до кладилна да се пробаш со едно 50че и потоа како ги пратиш утакмиците, така сфаќаш дека 50чето подобро да си го дал за кикирики. Миксот на фини натпревари за играње од Премиер лига и Куп на Италија заврши ужасно лошо.

БОРНМУТ – ЧЕЛСИ 4:0

Ќе почнеме со Енглезите. Челси во 24-то коло од Премиер лигата се посрамоти како никогаш сезонава. Загуби од Борнмут, екипа која држи златна средина. И ај што изгуби него доживеа дебакл и прими 4 гола. И да избега човек од двојка, сигурно ќе ја проба ГГ или ГГ3+ и ќе ги пцуе до четврток, што не дадоа барем еден гол.

Сите 4 парчиња Лондончани ги примија во второ полувреме. На 2:0 Сари го извади новото засилување Игуаин кој ќе сака што побрзо да го заборави дебитанскиот настап во Премиер лигата, а на него место го стави Жиру. Ништо не промени тоа, односно промени, од 2:0, домаќините стигнаа до 4:0. Втор пораз на Челси во низа кој води грчевита битка со Арсенал и Јунајтед за четврто место, а втора победа по ред за Борнмут.

ЛИВЕРПУЛ – ЛЕСТЕР 1:1

На киксот на Челси се надоврза и Ливерпул. Додуше не на ист начин, ама па и тука се знаеше кој е фаворит. Тоа се виде уште во 3 минута кога Мане го отвори резултатот, а гостите успеаа да израмнат и да ги постават конечните 1:1 во последните мигови од првиот дел. Момците на Клоп напаѓаа за победа во второ полувреме, ама останаа на истиот резултат.

Ливерпул сега има 61 бод, Манчестер Сити 56, а разликата можеше да биде +7. Да се само овие два неочекувани резултати во Премиер лигата. Ќе се навратиме во вторник за да ве потсетиме дека Манчестер Сити клизна на гости кај Њукасл и загуби со 2:1, а Манчестер Јунајтед се спасуваше од пораз против Барнли со голови во 87-ма и 92-ра минута. Само Тотенхем и Арсенал профитираа од ова коло и победија со по 2:1. Нема фаќање пари со вакви резултати.

АТАЛАНТА – ЈУВЕНТУС 3:0

Од Премиер лига се префрламе во четвртфиналето од Купот на Италија, а таму два резултати за неверување. Кој би рекол дека Јуве може да загуби 3:0? Е може, кога си има работа со Аталанта која не простува со кој и да игра. На италијанскиот шампион на 26 декември во првенство му одиграа 2:2, а синоќа го декласираше и го елиминираше од Купот и со тоа му ги уништи апeтитите за тројна круна.

Страшна е Аталанта сезонава. Помеѓу овие два резултати и се врати на Рома од 0:3 на 3:3 и беше немилосрдна на три гостувања давајќи вкупно 13 голови. Со Сасуоло 2:6, со Каљари 0:2, со Фрозиноне 0:5. Внимавајте добро на Дуван Ѕапата. Колумбиецот сезонава има постигнато 20 гола на сите натпреварувања, а 17 од нив ги даде на последните 10 меча во низа во Куп и првенство. Каква луда серија.

ФИОРЕНТИНА – РОМА 7:1

Ако на Јуве сте играле двојка, ГГ или ГГ3+ отишле парите во канта, а уште па и Рома ако сте ја фаворизирале, нема да ја погледнете повеќе во билтен после тоа вчера. Доби седмица на лото во Фиренца, слична како онаа дома со Баерн или онаа на Олд Трафорд.

Социјалните мрежи прегореа од заебанции, а најгласни се разбира беа Лацијалите. Тие најпрвин потсетија на нивните поранешни фудбалери, Симеоне и Киеза, чии синови синоќа дадоа вкупно 5 гола.

31 јануари 2019 - 12:03