Светските медиуми и натаму пишуваат за необичната Зум прес конференција на Мурињо, а наслови за нашиот колега Игор од ТВ Сонце објавија и БиБиСи, Гардијан, Дејли Мирор, Дејли Мејл, Спорт Бајбл и многу други.
За Офф.нет.мк Игор Александровиќ - Попе раскажа како се одвивала средбата со еден од најтрофејните тренери на светот.
„По контактот со Луис, шефот на службата за односи со јавност во Тотенхем, тој ми проследи број од неговиот прв соработник Сајмон. По некое време, му се обратив на Вотсап и Сајмон по слетувањето ми рече: Да го прашам шефот (Мурињо) што е најдобро да правиме. Ми одговори некаде околу 20:30 часот да бидам пред хотелот, а тоа се поклопи таман со завршувањето на пресот на Шкендија којшто го следев на стадион.
Кога отидов, пред хотел имаше речиси четири прстени обезбедување, тежок е пристапот до Тотенхем. Сајмон излезе, ме пречека и со него влегов внатре. Во еден момент го видов Џо Харт (резервниот голман на Тотнем) кој верувале или не во живо е страшно повисок од она што го знаеме од телевизија.
Кога дојде Жозе, срдечно се ракувавме и видов дека навистина му е мило што во толку краток временски рок од муабет на Зум, се запознавме лично.
„Ме праша како сум што правам? Му реков еве само што бев на прес-конференција на Шкендија па се насмеа и ме праша што викаат? Одговорив: Спремни биле за вас. На прашањето дали ќе дојдам на утакмица утре, му реков секако, тоа ми е работа.
Искористив прилика и да му ја подарам книгата „Macedonian Empire (Македонска империја)“ чиј автор е Џорџ Атанасоски, сопственикот на тв-куќата во која работам и кој живее во САД а води потекло од прилепско. На Жозе му го подарив и знамето Кутлеш со сонцето од Вергина и му објаснив дека тоа е првото изворно знаме на Македонија. Ми заблагодари а јас во меѓувреме добив препорака оваа книга да ја подарам на целиот стручен штаб и сите играчи на Тотенхем, па ако успеам денес ќе биде добро“.
Што се однесува до Мурињо, пријатно ме изненадни неговата спонтаност, човечност, приземност. Постојано беше насмеан и ведар. Во очи му видов дека е луд за фудбал кога поразговаравме за мечот. Сака да го знае секој детал. Па слушна и самиот на прес што кажа дека уште 20 години би тренирал клуб па дури после репрезентација и тоа Португалија која е негова земја и му е во срцето.
Мечот Шкендија - Тотенхем се игра со почеток од 20:00 часот на арената „Тоше Проески“ во Скопје а пренос ќе има на МРТ1.