Од комфорна фотелја до нов предизвик

Што може Гери Невил да ѝ донесе на Валенсија?

Шпанскиот прволигаш ја изненади фудбалска Европа, откако покрај голем број кандидати се одлучи за стручниот консултант и помошникот на Рој Хоџсон. Зошто се решија за верниот бек на Сер Алекс?

Кога некој наш фудбалски тренер на телевизија ќе го анализира мечот што предстои, гледачите најчесто се прашуваат што кажа овој, а да не знаевме досега? Со легендарниот Гери Невил (40) приказната е дијаметрално спротивна.
 
Гери работеше како pundit (фудбалски експерт, стручен коментатор) на реномираниот Скај Спортс и голем дел од љубителите на неговите настапи се чудеа како никој не го побара овој човек за тренер? Во четвртокот шпанската Валенсија и официјално потпиша договор со помошникот на Рој Хоџсон во англиската репрезентација и човекот кој ја зголеми гледаноста на Скај Спортс како аналитичар на емисијата Monday Night Football (Понеделничка фудбалска вечер).
 
Без класичните флоскули кои ги знаат и јуниорите, со исклучително фудбалско знаење и без влакна на јазик, Гери зборуваше и за своите добри познаници, пријатели, менаџери и поранешни соиграчи со кои бил цел живот. Посебно запаметени ќе останат неговите долги анализи во тандем со Џејми Карагер (иконата на Ливерпул).
 
 
Инаку Гери Невил сериозно ги анализираше натпреварите од позиција на менаџер, а не од позиција на десен бек. Сите кои го пратеа понеделнички навечер веруваа дека еден ден ќе стане сериозен менаџер, но никој не верувал дека ќе почне од шпанскиот гигант.
 

ОД КАДЕ ГЕРИ БАШ НА МЕСТАЉА?

Иако лани ги однесе во Европа, Нуно Еспирито Санто ги напушти Лилјаците а за негово место конкурираа докажаните Алехандро Сабелја, Хорхе Сампаоли, Михаел Лаудруп, Марсело Биелса, Франк Рајкард, па дури и Карло Анчелоти.

Сепак, сингапурскиот газда на Валенсија, Питер Лим се реши за неафирмираниот Гери Невил, во кого ќе бараат нов Чоло Симеоне. За тоа колкаво фудбалско познавање има Невил зборува и веста од Англија дека во исто време ја одбил понудата на Скај Спортс од 15 миилиони фунти да остане стручен аналитичар. Како негова евентуална замена сега се споменуваат Алан Смит, Пол Сколс, Тревор Синклер, Франк Лампард, Рој Кин и Ли Диксон.

ПОЗНАНСТВОТО НА НЕВИЛ И ПИТЕР ЛИМ

Гери и Сингапурецот се знаат веќе извесно време, а се започна откако Питер Лим покрај Валенсија која што ја купи во мај 2014. година, влезе и во газдинството на Салфрод Сити, полупрофесионалниот клуб кој е во сопственост на Генерацијата '92. Гигс, Пол Сколс, Ники Бат и браќата Невил се газди на овој клуб, а Питер Лим има околу 50% од акциите.

Покрај тоа, братот на Гери, Фил Невил работеше како помошен тренер во Валенсија, иако по завршувањето на кариерата немаше никакво тренерско искуство. Во Шпанија деновиве се разви дебата дали Гери ќе има добра епизода во Примера, едни не забораваат на одличните години на Боби Робсон, Џон Тошак и Тери Венејблс на Пиринеите, а други потсетуваат на Шкотланѓанецот Дејвид Мојс.

„Искрено, разни клубови ми нудеа да бидам менаџер, и тоа повеќе пати во последните пет години, но никогаш не беше прав тајминг. Сакав време за учење. Меѓутоа кога во неделата ме побара Валенсија, помислив: Каква шанса и каков предизвик! Дојде време после толку години на телевизија и приказни за тренерите, да се фатам за работа. Ако го добиев ова, ќе го загубев кредибилитетот", отворено зборуваше Гери на промоцијата.

Иако договорот му е до завршувањето на сезоната, а многумина го гледаат како човек што ќе ја загрее клупата на некој веќе докажан тренер (се зборуваше за Специјалниот), Невил кратко изјави:

„Не дојдов овде да го вработам следниот тренер“.

КАКО ЌЕ ИЗГЛЕДА ВАЛЕНСИЈА ПОД ГЕРИ НЕВИЛ?

На прес промоцијата, Гери Невил изјави дека во текот на кариерата црпел од Алекс Фергусон и сите селектори на Англија. Така ја градел својата менаџерска личност. Харизмата ја има, но тешко е да се претпостави каков фудбал ќе негува тимот од Местаља, затоа што Гери никогаш не водел клуб. Досега шпанскиот состав играше во формација 4-3-1-2 или 4-3-3, но за очекување е Англичанецот да ја стабилизра одбраната која не игра баш добро во првиов дел од сезоната.

Се очекува да има доста трпение со младите играчи, иако договорот му истекува за шест месеци.

На крајот, занимлив одговор Гери Невил имаше на прашањето што би кажал следниот понеделник на Скај Спортс за новиот тренер кој го ангажирал Питер Лим:

„Сигурно би ја преиспитал таа одлука. Многу би бил скептичен. Свесен сум дека морам да им докажам на навивачите и играчите дека можам да го работам ова. Сите недоумици околу мене можат да завршат само со добри партии на теренот. Знам дека после некои мои одлуки, ќе има луѓе кои ќе притрчаат кон ЈуТјуб да најдат изјава кога сум зборувал различно од тоа, но ќе останам директен до крај", иксрено зборуваше Невил.

Како фудбалер, Невил на два пати ја освои Лигата на шампионите (1999 и 2008). Останува да се види каков ќе биде како тренер.

Гери, или си Боби Робсон или си Мојс. Нема трето.