Ги познавате ли Бруно Жордао и Педро Нето. Тешко, освен ако сте навивач на Лацио или па ја следите иднината на португалската селекција.
Разбирливо е да не ги знаете бидејќи овие млади деца и во Рим да се прошетаат на улица, нема никој да ги познае.
Летото 2017-та од Брага во Лацио ги донесе еден од најпознатите менаџери во светот, Жорже Мендеш. Беа претставени помпезно како многу перспективни играчи, а во Рим беа претставени заедно со уште еден Португалец, ветеранот Нани.
Бруно Жордао дојде како 18 годишен плејмејкер, а Педро Нето како 17 годишно крило за кое тогаш се интересираа Барселона, Арсенал и Жозе Мурињо. Па дури и се пишуваше дека Топџиите биле спремни со повисока понуда од Каталонците.
И прв пат да слушате за децава, оправдано ви е, бидејќи добија шанса дури во втората нивна сезона за Лацио, која исто како да не ја добиле.
Педро Нето собра “дури“ 87 минути искуство во италијанскиот фудбал каде одигра вкупно три пати од кои еднаш како првотимец, а Бруно Жордао 43 и тоа расцепкани на четири меча од кои еден куп натпревар. Дебито во Серија А му беше против Јуве, ама во последна минута.
Е токму од ова дуо моќниот Мендеш дуо успеа да направи бизнис. Како? Само тој знае. На Лацио им ги донесе во пакет за 22 милиони евра, а месецов им ги шитна на Вулверхемптон за 27,5 милиони евра. Бруно за 9,2, а Педро за 18,3 милиони.
Младинските репрезентативци на Португалија едвај заедно стигнаа до 130 минути во Италија и наместо нивната цена очекувано драстично да падне, бидејќи практично исто како да не играа, португалскиот мангуп извади ќар од нив.
Се разбира не само за него, туку пред сè за клубот кој е во плус од нив 5,5 милиони евра, што се разбира не се малку пари за клуб како Лацио, кој во ерата на Лотито не мрда од зоната на Лига Европа, а Лотито во Италија го викаат Лотиркио (во превод скржавец).
Не е познато колку од оваа зделка лапал Мендеш, а инаку останува да видиме, дали “ќе ги видиме“ и во Премиер лига.