Што ќе донесе Зинедин Зидан во Реал?

Тренерската смена во Реал Мадрид го врати расположението во соблекувалната, откако малку играчи беа фасцинирани од методите на Рафа Бенитез и едвај чекаат да почнат со Зинедин Зидан, пишува Марка.

Растојанието меѓу повеќето играчи и Бенитез било огромно, така што отпуштањето на трофејниот стручњак и не е толку тажна вест за фудбалерите на кралскиот клуб, додава Марка во реакцијата за смената на клупата на Реал Мадрид. Освен Пепе, многу малку од играчите јавно и силно го бранеа Рафа кој никако не најде милост во соблекувалната.
 
Недоразбирањата со Кристијано Роналдо и Серхио Рамос како да беа пресудни во одлуката на Флорентино Перез. Хамез, Иско и Хесе се тројца играчи кои ќе почуствуваат најголемо олеснување со заминувањето на Рафа. Односот меѓу овие фудбалери и Бенитез бил до толку нарушен што Хесе не патуваше во Валенсија, а Хамес и Иско не играа ниту една минута иако Реал Мадрид имаше право на две замени во финишот на Местаља (2-2).
 
Иско така беше дистанциран поради својата постапка со Крос, кога на Ел Мадригал против Виљареал иронично ги триеше очите кога го здогледа Германецот на клупата, а Хамес беше обвинет дека не бил во форма. Клубот верува во Зидан, затоа што Французинот ја познава групата играчи и со дел од нив има одличен однос. Не е никаква тајна дека Карим Бензема и Рафаел Варан се играчи на Реал во најголем дел благодарение на Зидан, а беа играчи во кои Рафа немаше многу доверба во последно време.
 
Французинот ќе дебитира на клупата на Бернабеу против Депортиво. Што се однесува до тактиката, уште после дебаклот против Барселона, Зидан индиректно одговори дека доколку тој ја води екипата би играл во системот 4-3-2-1 со Бензема како истурен шпиц. Помошник на Зидан ќе му биде неговата десна рака Давид Бетони со кој соработуваа и во Кастиља. Се познаваат одамна. Бетони му е исповедник и најдобар пријател на Зидан. Се знаат уште од 18 години кога заедно играа во Кан. Го следеше и во Италија во Јувентус, а подоцна Зизу го повика во Мадрид во 2001. година каде Бетони работеше како помошник тренер.
 

Бројките на Зидан
 
Како тренер на вториот тим на Реал, Реал Мадрид Кастиља, Зизу имаше 57 натпревари, оствари 26 победи, 17 нерешени и 14 порази со 88 дадени голови и 58 примени. Зинедин Зидан како тренер на Кастиља имаше две дијаметрално различни сезони. Лани заврши шесто пласиран со два бода зад плејофот за промоција. Во моментов Зизу го остава тимот на Кастиља со шест бодови пред петиот, позиција која води во плејофот.
 
Позитивни страни:

- Нова мотивација и потстрек за играчите да го покажат своето знаење кај новиот тренер.
- Целосна поддршка од играчите.
- Одличен однос со сите фудбалери кои бараа да ги предводи Зизу.
- Подмладување на составот, затоа што Зидан го познава системот од внатре во клубот. Ја водеше Кастиља. На времето прв го препозна талентот на Еден Азар, но Мурињо тогаш се одлучи за Месут Озил.
- Има големо искуство на сите нивоа, како играч, како директор на клубот, како тренер на младинците и како помошник на главниот тренер.

Негативни страни:
- Нема меѓународно искуство и нема искуство како тренер на топ клуб.
- Зизу е авантура, екскурзија на Флорентино Перез кој со него се коцка. Може многу да добие, но може и да загуби. Перез ги послуша навивачите, го тргна омразениот тренер и го стави омилениот меѓу публиката, Зизу. На тој начин ја доби поддршката.
- Поставен е на зимската полусезона, кога малку тренери се одлучуваат за сериозни чекори и драстични промени во екипата. Зизу ќе има шанса од една ипол година да покаже што знае.