Можеби ќе претераме ако кажеме дека беше прашање на време, но однесувањето на капитенот на Интер Мауро Икарди само ги разгоруваше навивачите на овој клуб. Сè кулминираше со автобиографијата (пазете, има 23 години а веќе пишал автобиографија) „Sempre Avanti“ која што излезе минатата недела.
Ако сите новинари се фатија за расказот во кој Икарди опишува како буквално му ја презел жената на најдобриот другар Макси Лопез која сега му е менаџерка („му праќала пораки да ѝ купи телефон од Њујорк“), навивачите на Интер ги заинтересирало друго поглавје од книгата. Тоа што е за нив.
Во книгата Икарди го опишува моментот кога тој како капитен му пружил отпор на еден од лидерите/водачите на навивачката група на Интер и „станал херој меѓу соиграчите“. После поразот од Саусоло во февруари 2015. година, напаѓачот кој го даде почесниот гол и сите други соиграчи сакаа да се извадат со тоа што ќе им ги дадат дресовите на навивачите. Икарди му го даде на едно дете, а еден од постарите го фати па му го врати назад на теренот. Аргентинецот тогаш се пушти во жолчна расправија со тифозите.
Curva Nord, една од водечките групи на северот на „Џузепе Меаца“ излезе со соопштение дека Икарди ја измислил таа приказна како и многу други во автобиографијата. На мечот против Каљари во неделата каде на цел малер Икарди промаши пенал, тој беше исвиркан кога спикерот го читаше неговото име, а навивачите на Интер извадија и неколку пароли против него:
„Го мислевме Икарди за млад и незрел, но за добар дечко, но тој веќе на ја заслужува капитенската лента на Интер“, „Ги растури сите можни односи со навивачите“, “Мртов си за нас“, „Мислиш дека си некоја фаца? Ти си обично гомно“, “Бараме од тебе кловну да ја вратиш капитенската лента“.
Навивачите на Интер најмногу се разбесниле кога го прочитале делот од книгата на Икарди во која тој зборува за можноста во Италија да донесе бандити од Аргентина.
„Тоа што го пишува за нас е смешно. Напишал во книгата: Спремен сум да се соочам со навивачите на Интер еден на еден. Колку ги има 50? 100, 200? Нека знаат дека ќе донесам 100 бандити од Аргентина, а тие ќе ги убијат на лице место. Тогаш ќе бидиме“.
Во текот на ноќта, група од 40 навивачи на Интер му ја искршиле колата и му закачиле парола пред домот со натпис:
„Овде сме... Кога ќе дојдат твоите другари Аргентинци? Ќе нè предупредиш или ќе бидеш кукавица?“
Како реагирал Икарди?
Аргентинскиот напаѓач им се обрати на навивачите на Интер преку својот Инстаграм и се обиде да ја спушти топката, иако се чини дека е предоцна:
„Драги навивачи од Curva Nord, изненаден сум и разочаран. Изненаден затоа што за епзиодата од Реџо Емилија раскажав дека сум бил под адреналин во лош момент низ кој минуваше екипата и вжештен ја загубив главата. Сакав само да ја раскажам атмосферата од тој настан. Вистина е дека во книгата додадов некои претерани зборови. Во однос на убијците од Аргентина, тоа се однесуваше на оние кои постојано ми се закануваат дека ќе ме повредат пред домот (не на Курва Норд конкретно). Во биографијата реков и дека ’користев закани против навивачите а на требаше’ Жалам. Жал ми е за прашината што се крена. За вас секоја недела давам гол и вашата прегратка ми треба затоа што го сакам Интер“.
Што се случуваше понатаму?
Интер загуби од Каљари 1-2, Икарди промаши пенал во првото полувреме. Навивачите вадеа пароли, го исвиркуваа секој негов контакт со топката и како да чекаа да ја загуби за да го навредуваат.
Каква позиција зазема Интер во конфликтот?
Клубот вети дека ќе ги сослуша навивачите и својата одлука ќе ја објави во понеделник. Најверојатно на Икарди ќе му биде одземена капитенската лента. Доглогодишниот капитен, икона и сега претседател на Интер, Хавиер Занети изјави: „Дали ќе преземеме некоја акција во сложенава ситуација? За жал да. Навивачите се најважни за нас, мора да го почитуваме нивното мислење и не може да прифатиме такво однесување на вработен во клубот“.
Овој месец Икарди потпиша нов договор со Интер до 2021. година. Откупната клаузула на договорот му е неверојатни 110 милиони евра. Интерес за напаѓачот кој сезонава даде 6 гола и има 2 асистенции на 8 меча покажуваа Арсенал и Наполи.
Дали е ова единствен проблем на Икарди?
Не. На крајот на 2013. година, Ванда Нара, аргентински модел и танчерка, во бурната младост и порноѕвезда, мајка на три деца со фудбалерот Макси Лопез кој тогаш настапуваше за Катанија го измамила сопругот токму со неговиот најдобар другар, Мауро Икарди. За овој настан реагираше целата јавност а најгласен беше Диего Марадона: „Икарди е предавник. Доаѓал на гости кај Макси Лопез, му се правел другар, а потоа му ја украде жената. Знаете како би постапиле со таков човек во мое време? Би го опкружиле и сите по ред би го тепале“.
Сицилиската мафија од Катанија предлагала уште порадикален момент и била спремна да направи се за Макси Лопез, но тој им се заблагодарил и ги замолил да го остават Икарди на мира.
Минатата година Мауро и Ванда се земаа и добија дете. Нара е агент на својот маж.
По инфорамции на аргентинското ТВ шоу Debate Final, Лионел Меси побарал од селекторот на Аргентина да не го вика Икарди во репрезентацијата поради конфликтот со Макси Лопез. Лопез во минатото играше и за Барселона и е во одлични односи со Меси. Селекторот на Аргентина Едгардо Бауса ги демантираше таквите гласини. „Не го викам Икарди затоа што во моментов ги претпочитам Игуаин и Прато.“