Судот го констатираше последното нешто што би сакал да го чуе секој навивач на Палермо. Клубот кој лани жестоко се бореше за влез во Серија А и потоа поради финансиски проблеми клизна директ во четврта лига, повеќе нема да постои.
После сите долги натегања, дали ќе го биде или не, па префрлање на сопствеништвото каде конците постојано ги влечеше Маурицио Ѕампарини, Палермо дефинитивно оди во банкрот.
Последниот обид за да го спаси поранешниот италијански прволигаш, го имаше синот на Ѕампарини, Андреа кој доставил понуда од 10 милиони евра, недоволни за спас, бидејќи долговите им се огромни.
За контроверзниот Ѕампарини па веќе и нема потреба повеќе да се дискутира, бидејќи во Италија веќе со години е познат по тоа што често имаше проблеми со законите, а тренерите ги менуваше како чорапи. Рекордер е по ова второво.
Во неговата ера клубот ги бележеше и најголемите успеси, почнувајќи од кам бекот во Серија А во сезоната 2004/2005, кога се вратија после пауза од три децении.
Во тоа време му пркосеа на секој противник и стигнаа до одличната шеста позиција која ги однесе во Купот на УЕФА каде стасаа до топ 16, а во 2011-та играа финале во Купот на Италија кое го загубија од Интер.
Лука Тони беше човекот кој донесе нов клупски рекорд од 20 сезонски голови, а заедно со него играа и други репрезентативци кои го освоија Мундијалот во 2006-та како Барцаљи, Ѕакардо, Бароне и Гросо.
Какви само играчи излегоа од Палермо, не се добројуваат. Овој страшен состав за трофеи ќе се бореше.
Има и едно НО во целава оваа приказна. И Фиорентина и Парма банкротираа, па потоа најдоа начин да се вратат, така што можеби и за Палермо ќе се роди некоја нова надеж.
Колку само го поштуваа навивачите нашиот Илија.