Навивачите на Палермо го обожаваат Несторовски

Само трета сезона е дел од Палермо, а сицилијанците го сакаат и го ценат како икона. Пред официјалниот фан шоп на клубот имаше долги редици за да се стигне до фотка и автограм од капитенот кој сите ги пречека со насмевка.

Откако синоќа го сторив тоа лично, сега сакам повторно да им се заблагодарам на навивачите со кои се сретнав вчера. Вашата љубов и почит се мојата сила. Напред Палермо, ве очекуваме на Ренцо Барбера, напиша Илија Несторовски на својот Фејсбук профил.

Навивачите на Палермо имаа можност да се запознаат, да се сликаат и да добијат автограм од капитенот кој трпеливо и со насмевка ги испочитува сите до еден.

За популарноста на Нестогол во Палермо веќе е излишно да се зборува. Го сака и младо и старо и машко и женско, а најголем дел од присутните беа децата на кои им е идол. Немаше човек кој не го пофали.

Ова се дел од коментарите на навивачите за наш Илија од кого очекуваат да ги врати во Серија А:

„За мене ова е голема возбуда што го запознав. Тој ни пружа големи задоволства во Палермо“.

„Би му препорачал никогаш да не се откажува и да даде се од себе, бидејќи овој град ја заслужува првата лига. Тој го знае тоа“.

„Илија е одличен фудбалер. Нека не се откажува бидејќи ја заслужуваме Серија А“.

„За мене е феномен, многу е јак“.

„Несторовски е играч кој дава се на терен. Вложува голем труд и многу се жртвува“.

„Мислам дека е еден од најдобрите напаѓачи кои ги имаме во последните години“.

„Поврзан е многу со дресот на Палермо и верувам дека може многу да помогне за да се вратиме во Серија А“.

Еден од навивачите направи јак штос. Се јави на мобилен кај другар му и преку видео повик побара фотка со Несторовски.

27 ноември 2018 - 11:41