Шпанија е полуфиналист по драмата на пенали со Швајцарија

По неверојатните дуели во осминафинале, Шпанија и Швајцарија одиграа уште еден драматичен меч. Шпанците поведоа преку автогол, во 68' минута Швајцарците израмнија па со играч помалку издржаа до пенали.

ШВАЈЦАРИЈА - ШПАНИЈА 1:1 (0:1) на пенали 1-3
/Шаќири 68' - Закарија 8' аг.)

Голема борба пружија селекциите кои во само неколку дена по втор пат играа напорни продолженија.

Шпанија тргна во свој стил, наметна свое темпо и имаше преку 70% посед на топка. Поведоа рано кога Закарија несмасно реагираше по еден силен шут на Жорди Алба по корнерот на Шпанците.

Во вториот дел „Црвената фурија“ реши да не напаѓа активно туку да ја спушти топката и да ја држи подолго под контрола, но тоа им се одби од глава.

По една грешка на дефанзивците на Шпанија, Швајцарците ја освоија топката и Шаќири израмни на 1-1.

Набрзо селекцијата која го направи најголемото чудо на Европското откако ја елиминираше Франција по негатива од 1-3, остана со играч помалку по остриот старт на Фројлер кој доби директен црвен картон.

Шпанците тоа не го искористија до крајот и мечот отиде во продолженија. А таму избраниците на Владимир Петковиќ успеаа храбро да ги издржат сите напади и да се изборат за пенали. Во рулетот Шпанија беше попрецизна и оди во полуфинале на Евро 2020!

Во Лондон на легендарниот „Вембли“ Шпанија ќе игра против подобриот од мечот Италија - Белгија.