Фудбалскиот спектакл против Милан кој се игра на 24 август на „Филип Втори“ во Скопје љубителите на фудбалот ќе може да го гледаат по цена од 400 до 1.000 денари. Запад и Исток ќе бидат по 400 денари, Југ 600 денари, 800 денари ќе бидат делови од Север и Југ а 1.000 денари за ложите на Север и Југ. Билетите се пуштени во продажба денес а може да се купат онлајн на сајтот „Мктикетс“ како и од фан-шопот на тетовскиот прволигаш во нивниот град.
На сајтот на Шкендија стои информација и дека наскоро ќе се објават продажните места за Скопје, Тирана и Приштина.
Првиот дуел меѓу Милан и Шкендија ќе се игра на „Сан Сиро“ во четврток на 17. август а реваншот е една недела подоцна. УЕФА напрвин на ждребот извлече првиот меч да се игра во Скопје, но поради тоа што во истиот термин ќе играат Вардар и Фенербахче, се решија да ги заменат домаќинствата.
Потегот на управата на Шкендија е за поздрав, особено после сите случувања во последните неколку денови поврзани со цената на картите за плејофот од Лига Европа меѓу Вардар и Фенербахче каде најевтиниот билет изнесува 2.000 денари.
За дуелот владее голем интерес и во регионот па така навивачите на Милан од некои соседни земји веќе излегоа со понуди за превоз и влезница. Се очекува да пристигнат навивачи на Милан од Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора.