Аргентина не спие, шампионите слетаа во 3 по полноќ

Светскиот првак се врати дома. И покрај тоа што пристигна во ниедно време, Аргентинците не спијат и со душа ги чекаат. Денешниот ден го прогласија за национален празник.

Светските шампиони слетаа на аеродромот Есеиса во Буенос Аирес околу 3 часот по полноќ, после долг пат од 21 час.

Патуваа со два авиона на Аеролинеас Аргентинас. Во едниот беа репрезентативците со официјалните лица, а во другиот нивните семејства и пријатели.

Имаа и мала пауза за полнење гориво на аеродромот Фјумичино во Рим.

И покрај тоа што планот им беше да преспијат во својот камп, а потоа да одат на прослава во центарот на главниот град, тие веќе наидоа на река народ која слави.

За Аргентинците кои се болни по фудбал, нема сон. Тие имаат направено опсада на плоштадот каде планираат да останат цела ноќ и цело утро, за да ги пречекаат хероите.

Аргентина е на улица на секој сантиметар од нивниот пат, а главната прослава ќе биде организирана пред претседателската палата „Каса Розада“, каде прваците ќе се појават со златниот пехар.

Инаку по излегувањето од авионот, Меси и другарите одеа по црвен тепих каде ги дочека еден од најпопуларните бендови „Мувата Це Це“ за да им ја испеат „Мучачос“, најмоќната и најпопуларната аргентинска навивачка песна која редовно се пее на сите натпревари.

Стартот на отворениот автобус им беше ризичен.

20 декември 2022 - 09:18