Сезона на капење или евроодисеја за македонските клубови?

Вардар, Шкендија, Работнички и Силекс се клубовите кои ќе ја претставуваат Македонија во Европа, а своите противници ќе ги добијат на 20-ти јуни. Привилегирани на ждрепката се само Романтичарите.

Вардар ја освои четвртата титула шампион на Македонија во последните пет години и одново ќе се обиде да направи неколку чекори повеќе во Европа. На ждрепката во квалификациите за Лигата на шампиони, Вардарци нема да бидат меѓу носителите, така што ќе им треба среќа да избегнат некои од поголемите европски клубови.

Црвено-црните, стандардно ќе го почнат европскиот пат од второто коло кое што е закажано за 12 и 13 јули, со реванши на 19 и 20 јули. Сезоната горе-долу е завршена во повеќето првенства, така што голем дел од прваците и потенцијални ривали на Скопјани се познати.

Екипите со поголем рејтинг од Вардар кои може да му паднат на шампионот се: Салбург, Бате Борисов, АПОЕЛ, Динамо Загреб, Розенборг, Карабах, Астана, Црвена Звезда, Динамо Тбилиси. Многу близу до титулата во своите земји се уште и Легија, Хапоел Бер Шева, Лудогорец, Скендербег, Копенхаген, Олимпија Љубљана/Марибор.

Секако дека овие ривали не се неминливи, Вардар може да се носи со нив, но потребно ќе биде дополнително освежување на веќе постоечкиот состав летово.

Во минатите пет години, Црвено-црните три пати играа квалификации за ЛШ и три пати испаѓаа во второто коло. Во 2012 Вардар загуби од БАТЕ Борисов со вкупен резултат 2-3 (2-3 таму, 0-0 во Скопје), во 2013 загубија од Стеауа со вкупен резултат 5:1 (3:0 и 1:2) и во 2015 од АПОЕЛ (0-0 таму, 1-1 дома).

Што се однесува до Лигата на Европа, Работнички во тековнава сезона можеби ги направи најголемите изненадувања откако го елиминираше пребогатиот Трабзонспор и за малку не го зема скалпот на рускиот Рубин Казан. Благодарение на овие успеси, Работнички има одличен рејтинг и би требало да добие полесни противници на стартот: Дебармаалци на ждрепката може да добијат тимови од Сан Марино, Андора, Гибралтар, Фарски Острови, Естонија, Малта, Летонија. Работнички е носител и ќе биде фаворит на првите натпревари.

За разлика од нив, Шкендија и Силекс би требало да играат против многу посилни противници на стартот. Ждрепката може да им ги донесе: АЕК Ларнака, АИК Стокхолм, Слован Братислава, Дебрецен, Видеотон, Хартс, Гетеборг, Актобе, Абердин, Каират...

Тетовци минатата година играа со шкотскиот Абердин и испаднаа после примениот гол дома (1-1), таму беше 0-0. Силекс се враќа на евросцената после повеќе од 10 години.

Последен пат тимот од Кратово играше во Интертото Купот во 2005. година кога испаднаа од израелскиот Беитар Ерусалим со два порази 3-4 и 1-2. Парадоксално, Беитар и летово може да му падне на Силекс.

По ждрепката на 20. јуни, на македонските клубови не им преостанува ништо друго освен или да играат за пласман во следна рунда и добра заработка, или да заминат на капење во јули.