31 март 2021 година со златни букви ќе биде запишан во македонската спортска историја. Датум кога фудбалската репрезентација направи чудо за кое зборува цел свет. Ја победивме моќната Германија и тоа на гостински терен во квалификации за Светско првенство. Прв пораз за Германците во вакви квалификации после цели 20 години!
Во натпреварот Германија влезе со максимални 6 бода (Исланд дома 3:0 и Романија 0-1 на гости), а Македонија со 3 бода после 2 одиграни кола (Романија пораз на гости 3:2 и триумф над Лихтенштајн 5:0 дома).
Ангеловски реши да не отстапи од својата долгогодишна пракса да игра со 3 играчи во последната линија, но практично на теренот очекувано зад топка се браневме со повеќе фудбалери. Трајковски го замени суспендираниот Несторовски, а се вратија и Адеми и Даре Велковски.
Бекови играа Алиоски и Николов, во среден ред Барди-Адеми-Елмас, а во шпицот Пандев и препородениот Алекс Трајковски во формација 3-5-2.
Германскиот селектор Јоаким Лев направи неколку измени во однос на мечот во Букурешт кој Nationalmannschaft пред неколку дена го доби минимално. Наместо Нојер, бранеше Тер Штеген, а во одбрана наместо Клостерман заигра Госенс. Средниот ред беше ист: Гундоган, Кимих и Горецка и во напад триото Хаверц, Сане и Гнабри.
Црвено-жолтите и вечерва во Дујзбург стартуваа одважно, без страв против можеби најсилната репрезентација против која сме играле во последните години. Домаќинот чиј селектор најави дека по Европското летово ќе ја напушти селекторската столица по цели 15 години, воспостави контрола од почеток и бараше дупка во нашата одбрана.
Во 9' минута Леон Горецка по продорот на Хаверц со страшен шут ја погоди пречката и тоа го спаси Димитриевски, а во продолжение нашата селекција рутинирано се бранеше. Во пар наврати се заканија Лерој Сане и Гнабри, но Димитриевски добро се справи.
Интересно и покрај мирниот фудбал, за 37 минути паднаа дури 3 жолти картони (Велковски, Госенс, Ридигер).
Во финишот на првиот дел Македонија имаше неверојатна шанса за гол: Енис Барди изведе еден центаршут од аголот на шеснаесетникот, Адеми лажно со тело ја избегна топката и Тер Штеген едвај ја извади од пред гол.
Тоа како да беше најава за лудницата која следуваше. По еден центаршут на Алиоски, Барди асистираше до Горан Пандев кој постигна гол за шокантно водство на Македонија во 45+2' минута! 38. гол за 37-годишниот Струмичанец кој игра како во младоста:
На стартот од вториот дел идентичен пристап од двете страни. Германија со посед и кратки додавања се обидуваше да најде пат до нашиот гол, Македонија сосема солидно ги покриваше сите приоди. Прв менуваше Јоги Лев кои ги стави Тимо Вернер и Јунес наместо Хаверц и Госенс.
Но за жал покривавме добро до 61' минута кога Лирој Сане прими една топка во нашето поле и при невнимателен старт на Алиоски вешто исценира прекршок за пенал. Илкај Гундоан, најдобриот фудбалер во Премиер лигата досега сезонава, го реализираше за 1-1 во 63' минута.
Само десет минути подоцна по корнер на Барди топката му удри во рака на Емре Џан за чист пенал, но судијата Сергеј Карашев од Русија одмавна со рака. Нашите фудбалери со право протестираа бурно, па Пандев доби жолт картон и ќе го пропушти следниот меч поради парни картони.
Набрзо имавме голема среќа, можеби и заслужена, кога Тимо Вернер промаши неверојатен зицер, сигурно за утка на мартовските квалификации:
Нашите фудбалери останаа смирени и по тој момент и буквално вребаа шанса пред голот на голманот на Барселона. Таква прилика стигна во 85' минута кога Ељиф Елмас со прекрасен гол (свој 6-ти во репрезентацијата) го матираше Тер Штеген за 1-2 и тотална сензација во квалификациите за Светско првенство!