Мариано Диаз е дете на Еспањол, а како мал играл и во школата на Бадалона. Во 2011-та доаѓа во Реал Мадрид каде игра за вториот и третиот тим.
Откако немаше место за него на „Сантијаго Бернабеу“, Мариано реши да смени средина и лани отиде во Лион каде направи бум!
Постигна 18 гола на 37 натпревари и му се препорача на својот некогашен клуб, актуелниот европски првак Реал Мадрид.
7 факти за новата 7-ка на „Кралскиот клуб“:
1) Дедо му бил фудбалер, татко му билдер
Мариано Диаз се јавува како трет Мариано Диаз во семејството после дедо му кој играл за некој скромен клуб во Каталонија и татко му кој држел вежбална во градот Премиа дел Мар каде се родила идната „деветка“ на Лопетеги во Реал.
2) Го шуткале во Еспањол
Мариано потпишал договор да игра за првиот тим на Еспањол и се спремал да настапи на турнир организиран од тв каналот Canal+. Во меѓувреме тренерите не биле уверени во неговиот талент и после две сезони го вратиле во младинците.
„Го вратија зошто беше многу мал и низок по раст“, рекол еден од тренерите во школата на Еспањол.
3) Настап за Доминиканска Република
Мариано уште од мал мечтаел да игра за Шпанија и одбил повик да игра за Доминиканска Република од каде што е мајка му. Но островската земја може да се пофали дека Мариано еднаш заиграл за нив, на пријателска средба против Хаити додека бил играч на Реал Мадрид Ц.
Но тоа нема да му смета да заигра за „Црвената Фурија“ ако добие повик од Луис Енрике селекторот на Шпанија.
4) Спасителот Зизу
Во сезоната 2014/2015 центарфорот постојано ги повредувал мускулите на нозете и поради тоа иднината во Мадрид му била неизвесна. Мариано побарал помош од тренерот Зидан кој му посоветувал некој швајцарски специјалист.
По неколку посети на овој лекар, Диаз веќе немал повреди од тој тип.
5) Од МекГрегор до Маравиља
Мариано е голем љубител на контактни спортови. Идоли му се ММА борецот Конор МекГрегор и боксерот Маравиља Алонсо кој исто како него има доминикански корени.
6) Брз, многу брз играч
Мариано не е само брз кога е на теренот, туку и во автоспортот. Минатата година завршил 3. место на една картинг-трка која што ја организирал Audi за фудбалерите на Реал.
Пред него завршиле Серхио Рамос и Начо.
7) Ѕверот
Во Франција Мариано ја докажа својата неверојатна брзина, агресивноста во нападот и атлетските способности поради што навивачите на Лион го завикале La Bete (Ѕверот).