Откако постигнаа десет гола на последните два натпревари, фудбалскиот клуб Сантос стигна до неверојатна бројка од 12.001 гол во историјата. Сантос е првиот клуб во историјата на фудбалот кој постигна 12.000 голови.
Во четвртокот тие го победија Коринтијанс со 5:1, а викендов со идентичен резултат го совладаа и Ботафого СП.
Историјата ја испиша 17-годишниот Габриел Барбоса или „Габигол" како што го викаат заради неговите неверојатни вештини за постигнување голови. Во второто полувреме тој по втор пат се запиша во листата на стрелци и го постигна 12.000-от гол за Сантос.
Младиот напаѓач го сметаат за еден од најголемите надежи на бразилскиот фудбал и често го споредуваат со Нејмар и покрај тоа што тие имаат различни стилови. Габигол е физички посилен и има потенцијал да стане попродуктивен стрелец од Нејмар.
Неговиот талент не остана незабележан од големите европски клубови, но и Сантос нема така лесно да се откаже од него. Откупната клаузула во неговиот договор изнесува 50 милиони евра.