Откако стана првиот тренер од 1960-та година што два пати по ред ја победил Џенова во градското дерби, Синиша Михајловиќ и неговата Сампдорија се во центарот на вниманието во Италија. Во досегашниот тек од првенството, Дорија има 4 победи и 2 нерешени средби, на кои постигнале 7 а примиле само два гола и се наоѓа на третата позиција.
Статистиката кажува дека екипата од Џенова е на листата екипи со најмалку примени погодоци после Барселона, која нема примено ниту еден гол сезонава во Ла Лига. На листата се уште и Баерн Минхен и Јувентус со по два примени гола. Покрај тоа, Сампдорија го има најуспешниот старт во Серија А после 5 години и генерацијата на Касано и Пацини, кои врзаа пет победи по ред и на крајот од првенството обезбедија пласман во плејофот за ЛШ.
Пет од седумте гола беа дело на младите Маноло Габјадини (позајмен од Јуве) и Стефано Окака, а во одбраната доминира Алесио Ромањоли, стоперот позајмен од Рома. Првите двајца имаат по 25 години, Ромањоли 21 и чекаат повик за настап во италијанската репрезентација.
„Порано учев да шутирам слободни удари од Пјер Ван-Хојдонк и Жунињо, но сега во живо учам од најдобриот изведувач на слободни удари што играл во Италија, мојот тренер Михајловиќ“, изјави напаѓачот Габјадини, кој сезонава даде 2 гола од слободен удар.
Стоперот Ромањоли е лидер во селекцијата до 21 година, а Сампдорија сака во целост да го откупи од Рома. После повредата, Ромањоли нема да игра на денешниот бараж за У-21 кој Италија го игра против Словачка на гости.
„Не се познавам лично со Антонио Конте, но гледам дека оди од град во град и ги гледа кандидатите за репрезентацијата. Го повикувам да ги види младите играчи на Самподирај, кои заслужуваат место во националниот тим“, изјави претседателот Масимо Фереро, режисер по професија.
Во меѓувреме, градот Џенова се соочува со катаклизмични поплави, по што харизматичниот Фереро, ја понуди помошта од клубот.
„Во моментов не сум во земјата, но сочувствувам со сите граѓани на Џенова. Ги ставаме во целост на располагање сите ресурси со кои располага клубот. Верувам дека луѓето од градот брзо ќе се справат со неприликите и дека сè ќе се врати во нормален тек“, констатира Фереро, кој е продуцент на филмот за навивачи Ултра' снимен 1996-та година.
Во следното коло, на 19-ти октомври (недела), Сампдорија му гостува на Каљари.