Рано изутрина во понеделникот фудбалерите Кокорин и Мамаев физички нападнале двајца гости во едно кафуле на булевар Никитскои во Москва, а едниот бил претепан и навредуван на расистичка основа.
Се испоставило дека претепаниот човек бил еден од директорите во државната компанија за авто-индустрија Минпромторг, Денис Пак. Како што пишуваат руските медиуми, повреден од напаѓачите бил и генералниот директор на НАМИ, водечка научна организација на Руската Федерација во областа на развој на автомобилската индустрија, Сергеј Гајсин.
Порталот Чемпионат пишува дека Кокорин и Мамаев влегле со друштво во кафе барот, нарачале кафе и почнале гласно да викаат и да се однесуваат неприлично. Вработен во барот ги замолил ако може да бидат потивки на што тие видно алкохолизирани продолжиле да урлаат.
Набрзо им се обратил и гостинот во локалот Денис Пак на кого му се намерачиле, при што Кокорин го удрил со столица по глава па продолжил со тупаници и расистички го навредувал за неговото азиско потекло:
После неколку часа се испоставило дека порано во текот на ноќта Кокорин и Мамаев крвнички тепале и 33-годишен белоруски државјанин Виталиј Соловчук, водител на вести на Првиот канал во Русија кој се здобил со потрес на мозок и веднаш бил пратен на реанимација:
Ова е којзнае кој инцидент по ред кои го прават овие двајца фудбалери, кои некогаш живееле и играле во Москва - Кокорин за Динамо а Мамаев за ЦСКА. Екцеси и големи тепачки правеле и во минатото а неколку пати биле и бркани од базата на репрезентацијата поради нарушувања на правилата.
Синоќа со соопштение се огласил и клубот на Кокорин, Зенит, од каде велат дека ова што го направиле играчите е одвратно и дека нивниот фудбалер го чека казна:
„Решението за казната за Кокорин ќе биде донесено веднаш по завршување на истрагата која ја спроведуваат надлежните органи. Згрозени сме од инцидентот и клубот и навивачите не чувствуваат ништо друго освен голем срам од тоа што го направил играчот“.
Кокорин има договор со Зенит до летото 2019 година но клубот намерува да го раскине со тоа што ќе искористи можност за раскин ако од страна на фудбалерите има грубо кршење на клупскиот правилник.
Синоќа имало реакции од неколку страни. Министерот за спорт на Русија Павел Колобков рекол: „Тие двајца во моментов не играат во репрезентацијата на Русија и се надевам дека веќе никогаш нема да заиграат“.
Сопругата на едниот од фудбалерите, Мамаев, Алана рекла: „Биле пијани. Како поинаку да ја објаснам тепачката? Простете, се срамам за него“.