Русија ќе потроши повеќе од 100 милијарди рубљи (2,3 милијарди евра) за изградба на седум од вкупно 12 стадиони на кои ќе се играат натпреварите од Светското првенство во 2018. година.
Нови стадиони ќе бидат изградени во Волгоград, Нижни-Новгород, Самара, Саранск, Калининград, Ростов на Дон, а целосно ќе биде реконструиран и стадионот во Екатерининбург. Сите овие стадиони ќе имаат капацитет за 45.000 гледачи.
Пет други стадиони се наоѓаат во Москва, Санкт Петерсбург, Сочи и Казањ и некои од нив веќе се подготвени. Ќе се реконструира и стадионот Лужники во Москва на кој се одржа Светското првенство во атлетика и на кој ќе се одигра првиот натпревар од првенството, како и финалето на Мундијалот.
Русија ќе потроши вкупно 15,5 милијарди евра за организација на Светското првенство што е скоро двојно повеќе од пресметките на Владимир Путин во 2010. година. Освен за стадиони, Русите ќе потрошат пари и за изградба на аеродроми, патишта и хотели, па најверојатно вкупната сума ќе биде уште поголема.