Роналдо со два гола до прва титула во Саудиска Арабија

Кристијано Роналдо конечно го освои Блискиот Исток и стигна до првата шампионска титула во неговата четврта сезона во Саудиска Арабија, прва за Ал Наср од 2019-та.

Ал Наср киксна во претпоследното коло и прими аматерски автогол во 98-ма минута, но на крајот ја запечати титулата со триумф од 4:1 против Дамак и заврши со два бода предност пред Ал Хилал.

Кристијано Роналдо ја освои титулата онака како што посакува, со два гола од кои едниот од слободен удар и сега е на бројка од 973 погодоци или на 27 до 1.000-ка.

Откако го напушти теренот со овации, Роналдо се расплака на клупата. Ова му е прва шампионска титула во Саудиска Арабија. Имаше можност и за трофеј во Азиската ЛШ, но Ал Наср го загуби финалето од Гамба Осака.

Инаку Португалецот ја заврши сезоната со одлични 28 гола кои сепак не беа доволни да биде прв стрелец. Пред него е Хулиан Кинонес со 33 голови.

Ова му е осма првенствена титула во четири земји. Има 3 во Премиер Лига и по два во Ла Лига и Серија А. Вкупниот број на трофеи сега му изнесува 35.

22 мај 2026 - 09:33