Роналдо има 300 или 299 голови за Реал?

Фудбалерите на Реал Мадрид викендов со 9 голови ја наполнија Гранада, а во центар на вниманието е Кристијано Роналдо на кој му честитаа јубилеј кој сè уште го нема достигнато.

Роналдо ја затресе мрежата на Гранада 5 пати и со тоа влезе на листата на најдобрите кои постигнале по минимум 300 голови за кралскиот клуб. Првите честитки за јубилејната бројка стигнаа од клубот.

Споредбите паднаа со двајцата поуспешни од него во оваа категорија, легендата Алфредо Ди Стефано кој има постигнато 308 погодоци на 396 меча и Раул кој на 741 настап за Реал е најдобар стрелец во историјата на клубот со 323 голови.

Според пресметките на Реал Мадрид, Роналдо го заокружи јубилејот со само 287 мечеви односно во Ла Лига има стрелано 214 пати, во Лига на шампионите 60, во Копа дел Реј 21, во шпанскиот Супер куп 3 пати и во Европскиот Супер куп 2 пати.

Каде е проблемот? Во бројките на Википедија. Овој релевантен извор на Роналдо сè уште во графата на вкупно голови му брои 299 или поточно 213 голови во домашното првенство, а не 214.

Спорниот гол датира од февруари 2011 година кога Роналдо изведе слободен удар против Реал Сосиедад, а му беше препишан на Пепе, бидејќи тој последен играше со топката.

Но со судијата не се сложи Марка која дава награди за најдобар стрелец во Шпанија и голот го израчуна спротивно на тоа што го досуди судијата. На иста страна тогаш застана и колегата на Роналдо.

„Што се однесува на официјалниот извештај од мечот, голот му припаѓа на Роналдо. Топката ме удри и влезе во гол, но голот треба да му се препише на тој што го извел слободниот удар. Јас немам никаков проблем да му го подарам на Роналдо, топката влезе во гол и тој тоа го заслужува“, изјави Пепе.

И покрај тоа што судиската е последна, според Реал Мадрид и Марка, па и дарежливиот Пепе, Роналдо во моментов има 300 голови на своето конто. Бројка која сигурно ќе ја достигне и да не му прегледаат низ прсти.

6 април 2015 - 13:52