Роналдо и Бензема се поефикасни само од напаѓачите на Беневенто

Апстиненцијата од голови на ударното дуо на Реал Мадрид е до толку голема оваа сезона, што и една Марка зема да ги ремети и да ги споредува со фудбалери кои играат во екипа која синоќа стигна до најнеславниот рекорд во Европа.

Реал Мадрид одигра 0:0 во градското дерби и со тоа загуби уште еден чекор во борбата за титулата во домашното првенство. Имаат 24 бода, исто колку Атлетико, а со гостинските победи, Валенсија стигна до 30, а Барселона до 34.
 
Она што изгледа загрижувачки за Зинедин Зидан е очајната форма на Кристијано Роналдо и Карим Бензема кои ја играат најлошата сезона откако играат заедно во Реал Мадрид.
 
Имаат постигнато по еден гол и тоа на ист меч, оној против Хетафе на гости со кои Реал славеше со 1:2 и од тој натпревар на 14 октомври ги нема никаде со погодок. Овие двајца играчи лани во истиот период имале заедно 12 гола (Роналдо 8, Бензема 4) и во сите претходни сезони биле со двоцифрен број.

Марка пресмета дека е ова е најлошиот старт на напаѓачите на Реал во историјата на клубот. Кралевите почнале лошо и во сезоната 1942/1943 и 1984/1985, но тогаш напаѓачките двојки Алонсо-Ботела и Сантилана-Бутрагено постигнале заедно по 3 гола во истава фаза.
 
Од 98 екипи во Ла Лига, Премиер Лига, Лига 1, Бундеслига и Серија А, само двајцата напаѓачи на Беневенто имаат полош старт од Роналдо и Бензема.
 
Каква апсурдна ситуација, зборуваме за актуелниот првак на Европа кој две години по ред го држи тронот и италијанскиот прволигаш кој викендов го мина Манчестер Јунајтед (12 од 12 во сезона 1930/1931) и стана првата екипа во историјата со 13 порази по 13 меча.

Јемело и Кода (Беневенто) - 1 гол
 
По 2 гола имаат:
Роналдо и Бензема (Реал Мадрид)
Депоитер и Качунга (Хадерсфилд)
Хан и Вуд (Хамбург)
Дефо и Кинг (Бурнемут)
Осако и Гираси (Келн)
 
Како им оди на другите:
Кавани и Нејмар (ПСЖ) - 22 гола
Набил Фекир и Мариано (Лион) - 20 гола
Меси и Суарез (Барселона) - 17 гола
Агуеро и Хезус (Манчестер Сити) - 16 гола
Левандовски и Милер (Баерн Минхен) 14 гола
 
Реал Мадрид во моментов има постигнато 22 гола на 12 средби, а лани истиот период имаше 34. Кога сме кај другите стрелци, вреди да се спомене и нивниот довчерашен напаѓач Алваро Мората кој за Челси има 8 гола.
 
Најдобриот играч во светот за 2017-та според ФИФА, во Лигата на шампионите е друг во однос на голгетерската форма. Таму е лидер оваа сезона со 6 гола.
20 ноември 2017 - 15:04