По случајот со Патрисија Мореира, кој ја потресе бразилската јавност, сега и во Мексико расистички испад, овојпат од тамошниот политичар Карлос Тревињо Нуњез.
Веднаш по доаѓањето на Роналдињо во мексиканскиот клуб Кверетано, Тревињо на своите профили на социјалните мрежи напишал:
„Толерантен сум, но ги презирам глупостите што доаѓаат од фудбалот. Го презирам уште повеќе затоа што народот ги блокира улиците и сообраќајот, само за да види некој мајмун. Бразилецот е добар, но е мајмун", мексиканскиот весник Рекорд го пренесува статусот на Тревињо.
Како што се очекувало во Мексико, јавноста веднаш се кренала на нозе, особено што изјавата дошла од угледен политичар. Клубот на Роналдињо упатил остри критики до политичарот од кој бара извинување за гафот.
„Во нашиот клуб важат правилата за меѓусебна толеранција и уважување. Секој човек се раѓа слободен и тоа го чини еднаков со другите. Очекуваме брза реакција на властите кои треба со сите сили да се борат против ваквите и слични појави", стои во клупското соопштение.
Роналдињо уште не одговорил на расистичките навреди, а од Кверетано велат дека тој е дојден за да игра фудбал и ништо друго. Мексиканскиот клуб во саботата одигра 1:1 на домашен терен против Пуебла.