Роџерс ќе ја предводи револуцијата во Ливерпул

И покрај тоа што сите очекуваа дека управата ќе донесе познато тренерско име кое ќе се обиде да го врати клубот на старите патеки, Ливерпул го ангажираше поранешниот тренер на Свонси, Брендан Роџерс.

Управата на клубот бараше млад тренер кој практикува атрактивен фудбал и го пронајде вистинското решение за испразнетата позиција на Кени Далглиш. Ливерпул се договори со Свонси за отштетата од пет милиони фунти и наскоро треба да се официјализира тригодишниот договор со новиот тренер Брендан Роџерс.

Роџерс го привлече вниманието откако го презеде Свонси. Стилот со кој играше неговиот тим доби пофалби од скоро сите тренери во Премиер лигата, а посебно Алекс Фергусон. Фудбалските стручњаци оценија дека Роџерс има идеја дека неговиот тим треба да игра како Барселона, со многу додавања и долго држење на топката во свој посед.

Кариерата на Роџерс низ фотографии:

Брендан Роџерс беше ангажиран од Жозе Мурињо како тренер на резервниот тим во 2004-та година. Роџерс остана да работи во Челси и во времето на Аврам Грант и Луис Фелипе Сколари.

Во 2008-та година Роџерс ја доби својата прва тренерска позиција во екипата на Ватфорд и го спаси клубот од испаѓање од англискиот Чемпионшип.

Во 2009-та година Роџерс го презеде Ридинг, клубот каде што ја заврши кариерата на само 20 години заради повреда на коленото.

Веќе следната година тој му се приклучи на Свонси и веднаш го одведе клубот во Премиер лигата.

И покрај тоа што сите ги сметаа за аутсајдери, Свонси заврши на 11-та позиција во Премиерлигата со само пет поени заостанување зад Ливерпул кого го надиграа два пати во текот на сезоната.

31 мај 2012 - 11:41