На улиците на аргентинскиот град Розарио, родно место на Меси, се собрале стотици навивачи кои направиле парада со надеж дека Лионел ќе се врати дома и ќе заигра за Њуелс.
„Има романтика. Мислам дека Меси кога тогаш ќе заигра за Њуелс, но сметам дека сега е премногу рано. Но луѓето треба да сфатат дека Њуелс има искуства за тоа да извадат неверојатни потписи од никаде, па затоа навивачите и мислат дека ништо не е невозможно. Диего Марадона премина во Њуелс од Севиља на 33 години, истата возраст на Меси во моментов. Во тоа време тоа беше неверојатно. Тоа се случи на година дена пред Светското 1994“, раскажува претседателот на фан клубот на Њуелс Олд Бојс за англиско говорно подрачје, Џејми Ралф.
Во клубот исто така потајно се надеваат дека Лео би можел да се врати дома.
„Не знам колку е тоа возможно. Се зависи од него и неговото семејство. Пред Марадона да дојде во Њуелс, никој не веруваше дека он може да дојде. Јас се надевам дека нешто слично може да се случи и со Лео. Како навивачите на Њуелс да не сонуваат да го видат најголемиот играч во наш дрес?, прашува потпретседателот на Њуелс, Кристијан Д'Амико.
Во мај месец кога такво нешто изгледаше невозможно, Д'Амико рекол: „Ако Меси реши да ја напушти Барселона, тој ќе игра за Њуелс Олд Бојс. Не зависи се од нас. Фудбалската федерација на Аргентина исто може да ни помогне, Клаудио Тапиа (првиот човек на АФС е пријател со Лионел)“.
Во минатото најдобриот фудбалер на сите времиња според многумина, неколку пати изјавувал дека би сакал да доигра во својот роден клуб. Но во последно време даваше се пореални изјави:
„Од детство сонував да играм во Аргентина за Њуелс Олд Бојс. Но сега имам семејство, три деца. Живеам во место каде што сум спокоен. Можам да им обезбедам добра иднина на децата. Ќе се потрудам да го убедам семејството да дојде со мене во Аргентина, но мора да го слушнам и мислењето на децата понатаму.
Проблемот е во тоа што секој пат кога доаѓаме дома (во Аргентина), син ми Тиаго се растажува. Ништо не му се допаѓа во Аргентина. Секој пат сака што побрзо да се врати во Барселона кај другарите. Се станува потешко и потешко а мене семејството ми е приоритет“.
Лео во Њуелс Олд Бојс играл и тренирал пет години од 1995 до 2000-та. На 13-годишна возраст Аргентинецот првпат отишол да игра за младите категории на Барселона каде на првиот меч дал 4 гола.
Интересно, ниту во детските категории со „петлињата“ во Розарио му немало рамен. Тој на 7 години одиграл 29 меча и постигнал 40 голови, на 8 години имал 30 настапи и 36 гола, на 9-годишна возраст дури 36 пати ја погаѓал мрежата на 27 натпревари, на 10 години имал 40 гола на 36 меча, на 11 години 27 погодоци на 25 дуели и на 12 години неверојатни 55 гола на 29 меча. Просто фантастичен уште од најрана возраст.