Светското првенство во Шпанија 1982 година го одбележаа Италијанците кои предводени од легендарниот Дино Ѕоф и дуото Тардели – Роси го донесоа третиот мундијалски златен пехар на Апенините.
Во финалето за противник ја добија селекцијата на Западна Германија која претходно одигра пеколно неизвесно полуфинале против Франција предводена од лидерот Мишел Платини.
Неизвесните 3:3 по регуларниот дел и триумфот на Германците на пенали беа фрлени во сенка, од можеби најгрубиот прекршок кој до сега е виден во историјата на Светските првенства.
На десетина минути од стартот на второто полувреме Патрик Батистон доби употреблива долга топка од Платини, а на самиот влез од шеснаесетникот падна покосен како да се удри во кинески ѕид.
Чуварот на германскиот гол, Харалд Шумахер го собори како да се наоѓа во боречки ринг без правила, а францускиот фудбалер беше во шок. Платини ја држеше неговата рака и седеше покрај него надвор од теренот заедно со медицинскиот тим.
„Немаше пулс и изгледаше многу бледо“, изјави легендарната „десетка“ на Франција
Медицинскиот наод покажа два скршени заба, три напукнати ребра и оштетен 'рбет, а Шумахер за потегот не беше казнет ниту со жолт картон.
По 32 години Батистон изјави дека никогаш нема да се дознае дали крвничкиот потег на Шумахер беше намерен или не, а на забавената снимка се гледа директен удар откако топката веќе го одминува голманот.
Батисон успеа да се опорави и веќе следната година се сретна со Шумахер на пријателски меч помеѓу двете селекции. Тој беше дел од репрезентација и во 1984 година кога Франција стана Европски првак.
Кариерата ја заврши во Бордо, каде сега е директор на Академијата, а само неколку дена по кошмарското полуфинале успеа да направи свадба.