Екипата на Селтик го пречекува италијанскиот првак Јувентус во осмина финалето од Лигата на шампиони и има шанса да стане првиот шкотски клуб кој изборил пласман помеѓу најдобрите 8 екипи од најелитното европско клупско натпреварување од оформувањето во 1992 година.
Но љубоморниот ривал нема да го дозволи тоа. Освојувачот на рекордни 54 шампионски титули заради финансиски проблеми мораше да се пресели во шкотската четврта лига, но се уште му прави проблеми на Селтик. Челниците на Ренџерс им го дадоа на располагање својот тренинг центар на фудбалерите на Јувентус пред дуелот во вторник.
Екипата на Јувентус ќе одржи два тренинга во центарот на Ренџерс, па шкотскиот клуб ги одложи своите тренинзи во понеделник и вторник за да може целосно да му ги ослободи игралиштата на противникот на нивниот најголем ривал.
Челниците на двата клуба се сретнале минатата недела во Катар, а некои британски медиуми шпекулираат дека освен помош со отстапувањето на тренинг центарот, Ренџерс на Јувентус им понудиле и скаутинг совети за тимот на Селтик и нивните слаби страни.